Барон Трамп на 19 години стана побогат од мајка си Меланија, инвестициите во криптовалути го направија милионер

51

Како татко му и дедо му пред него, се чини дека и Барон Трамп има изостренo чувство за бизнис. Синот на американскиот претседател Доналд Трамп и Меланија Трамп ужива во особено профитабилната 2025 година. Тој на само 19 години, како најмлад член на кланот Трамп, има поголемо богатство од својата мајка, благодарение на криптовалутите, пишува „Венити феар“.

Поради продажбата на токени, богатството на Барон скокна за 80 милиони долари во последните месеци и сега изнесува вкупно 150 милиони долари, според „Форбс“. Покрај ова, се вели дека тој поседува речиси 2,3 милијарди токени, кои би можел да ги препродаде за 525 милиони долари.

Барон, првиот од кланот Трамп што се заинтересира за пазарот на криптовалути, го убеди своето семејство да основа своја компанија во оваа област, „Ворлд либерти фајненшл“, која започна кон крајот на 2024 година. Барон го помина летото на средби со партнерите, склучувајќи договори, пишува „Пипл“, пред тивко да продолжи со часовите во кампусот на универзитетот „Њујорк“ во Вашингтон.

Вториот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа им донесе голема корист на неговите деца, пишува „Форбс“. За една година, Доналд Трамп помладиот додаде една нула на своето богатство, кое сега изнесува вкупно 500 милиони долари. Пазарот на криптовалути и разните потпишани договори, вклучувајќи некои во Катар, беа уште покорисни за Ерик Трамп, чија банкарска сметка порасна од 40 милиони долари на 750 милиони долари во истиот период. Се вели дека ќерката на Доналд Трамп, Иванка Трамп, има 100 милиони долари, што е безначајно во споредба со милијардата долари што ги поседува нејзиниот сопруг, Џаред Кушнер, бизнисмен специјализиран за недвижности.

Како што наведува „Венити феар“, претседателот на САД останува човекот што најмногу има корист од купувањето и од продажбата на криптовалути. Инвестициите нему му донесоа две милијарди долари, настрана од трите милијарди што ги оствари како профит во текот на годината. Со скок од 70 проценти, неговото богатство сега изнесува 7,3 милијарди долари, со кои се искачи за 118 места, на 201. позиција на ранг-листата „400 најбогати на ‘Форбс’“, на која се имињата на најбогатите луѓе во Америка. Од друга страна, паричникот на Меланија вреди 20 милиони долари и пораснал благодарение на „класичните средства за првата дама (книги, конференции, документарци)“, забележува медиумот. За да не остане рамнодушна на ветувањата што ги даваат криптовалутите, таа лансираше своја меме-монета, $MELANIA, шпекулативен токен чија естетика се базира на меме и чија вредност ја одредуваат купувачите. На берзата, нејзината вредност се проценува на 200 милиони долари.

ИЗДВОЕНИ