Барањето на претставниците на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, работните материјали да бидат преведени на албански јазик го одложи стартот на меѓупартиската работна група за промени во изборното законодавство. Состанокот во Министерството за правда траеше само триесетина минути, а барањето за двојазични материјали практично го оневозможи конституирањето на работната група. Односно, не се избра претседател на групата, ниту, пак, се донесоа деловникот и методологијата за работа со утврдените рокови. Министерот за правда, Игор Филков, по кратката средба изјави дека е презакажана таа за следната недела.
– Иако требаше да имаме конститутивна средба, не се случи тоа поради одредени јазични бариери. Од дел од претставниците на политичките партии, од „Европски фронт“, беше побарано материјалите да бидат преведени за да може полесно да се разберат. Не влеговме во материјална расправа. Ние изготвивме материјали и тие ѝ се на располагање на работната група. Сакавме да ги чуеме предлозите што стигнаа во Министерството, да ги чуеме предлозите на пратеничките групи и на претставниците на независните групи. Ако опфатат промените повеќе од 30 проценти од Изборниот законик, тогаш тоа ќе биде нов изборен законик – објасни министерот Филков.
Претставниците на „Европски фронт“, Блерим Беџети и Арта Биљали- Зендели, си заминаа по средбата и не дадоа изјави за новинарите, за своите барања. Но, другите претставници ги кажаа своите почетни ставови.
Иванка Додовска, претставничка на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се надева оти одложувањето ќе биде поттик да се размисли за принципите и за вредностите на демократијата.
– Насоката на оваа Влада е да дојде до решенија што ќе овозможат транспарентен изборен процес и подобри услови во кои македонските граѓани ќе можат да го остварат своето избирачко право. Ќе ги следиме сите предлози што ќе доаѓаат од сите политички субјекти и со консензус да го поттикнеме политичкиот дијалог. Имаме одредени предлози, начелно се придржуваме кон препораките на ОБСЕ и ОДИХР, врз основа на што може да одлучиме и процениме како треба да го модифицираме овој изборен процес. Варијации на теми има многу, но треба да ги слушнеме сите предлози и да видиме како би можеле да се усогласат – нагласи Василевска.
Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, рече дека тие се залагаат за една изборна единица.
– Но, се залагаме и за отворени изборни листи за решение за директна демократија со кое граѓаните сами ќе избираат свои претставници – потенцираше таа.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека очекувал да имаат предлог на изборен законик или макар за промени.
– Дневниот ред беше формален, очекував дека ќе имаме предлог што ќе ги опфати сите забелешки на ОБСЕ и ОДИХР. Процесот треба да го направиме што потранспарентен и да им гарантираме на граѓаните дека ќе можат слободно да ја искажат својата изборна волја. Како партија, имаме многу ставови за изборното законодавство и тука треба да постигнеме консензус – рече Спасовски.
За Борислав Крмов од Левица, постои опасност од губење многу време.
– На лидерската средба беше договорено процесот да заврши до јуни. Но сега, од технички причини, не започна процесот. Ако нема поместување во текот на март, ќе се сомневаме во добрата волја на Владата. Малку сме разочарани. Пак сме на почеток, тоа е тргни-застани, односно, два чекори напред – три назад. Ние сме за една изборна единица и за регулирање на државното рекламирање на партиите во медиумите – потенцира Крмов. (Б.Ѓ .)
ЗНАМ бара намалување на бројот на пратеници на 90
Весна Бендевска од движењето ЗНАМ рече дека се залагаат за намалување на трошоците, особено кога се работи за бројот на пратеници во Собранието.
– Ставот на движењето ЗНАМ е дека се залагаме за една изборна единица со изборен праг од 2-3 проценти. Тоа ќе овозможи претставување и на помали политички субјекти и на независни листи , а што беше и барање на Уставниот суд. Треба да направиме сериозни промени во изборното законодавство и да добиеме парламент со 90-мина пратеници. Тоа не само што ќе биде придобивка од финансиски туку и од материјален и човечки аспект. Нам ни е потребна сериозна реформа за намалување на државниот апарат, која ќе почне од Собранието. Намалениот број пратеници ќе соодветствува и на бројот на популација во земјава, ќе значи намалување на трошоците и придобивка за буџетот – потенцира Бендевска.












