Македонскиот полициски синдикат (МПС) бара зголемување на платите за најмалку 20 % на вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Управата за финансиска полиција (УФП). Барањето е доставено до Собранието и до пратеничките групи, со цел да се предвидат средства за повисоки плати во буџетот за наредната фискална година.

Од Синдикатот нагласуваат дека полицајците и другите безбедносни службеници со години се соочуваат со сериозен пад на куповната моќ, при што нивните примања не ги одразуваат ризикот и одговорноста што ги носи професијата.

– Полицајците во Македонија имаат најниски плати во регионот и во споредба со соседните земји, што создава дополнителна егзистенцијална несигурност – се наведува во барањето.

Синдикатот потсетува дека припадниците на полицијата се соочуваат со неможност да ги покријат основните животни трошоци: сместување, исхрана, транспорт и образование на своите деца и дека ваквата состојба се одразува врз мотивираноста и ефикасноста на системот на внатрешна безбедност.

Бараат од Владата и од Собранието да обезбедат редовен механизам за годишна корекција на платите согласно со инфлацијата и со економските показатели, да се започне процес на усогласување на платите со земјите од регионот, со цел постепено достигнување на европските стандарди.

– Ова барање не е само финансиско туку и чин на признавање и почит кон оние што секојдневно ја ризикуваат својата безбедност во служба на државата и на граѓаните – велат од Синдикатот.

ИЗДВОЕНИ