| Фехми Стафа заврши во притвор, судијата за кој ги барал парите пред две недели ја одбил жалбата |
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не одговори на многу прашања што се отворија по истрагата во која експравобранителот Фехми Стафа заврши во 30- дневен затворски притвор за барање и примање поткуп од сестрата на својот клиент, Љупчо Пецов-Ѓаволот, за влијание кај судија од скопска Апелација. Кој бил судијата кај кого наводно требало да завршат парите? Кој го пријавил случајот, дали сестрата, која во два наврати му дала на Стафа вкупно 50.000 евра или, пак, судијата ? Ако е приведен барателот на поткупот, зошто не е и давателот? Дали првата транша од 30.000 евра завршила кај судијата по ветувањето на Стафа? Од ОЈОГООК, каде што се води истрагата и од каде што побараа притвор за осомничениот, поради опасност од влијание кај сведоците и од бегство, велат дека нема да споделат повеќе информации, бидејќи истрагата штотуку била отворена и повеќе од веќе кажаното може да влијае врз истата.
Во меѓувреме, на прагот од поднесувањето на кривичната пријава против Стафа, на 2 декември, денови пред неговото апсење, во скопска Апелација едногласно тројцата судии во Кривичниот совет ја одбија жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино, а Стафа проценил дека еден од нив „може да се купи“ за 100.000 евра.
– Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување на мерката притвор и за определување мерка за обезбедување присуство на осомничениот – гаранција – велат од Судот и понатаму објаснуваат дека не е дозволена гаранција кога има опасност Пецов да ги уништи трагите од делото или да влијае врз сведоците.
За потсетување, сега притворениот Стафа, во својство на бранител на Пецов, пред неколку месеци до Кривичниот суд доставил барање да му биде заменет притворот со куќен притвор, во негово отсуство, за што понудил гаранција и документација од официјални државни институции. Основниот суд го одбил и Пецовл преку адвокатот Стафал се жали на Апелација.
Во краткото соопштение од ОЈОГОК се вели дека на 6.10.2025 година примил дел од побараниот износ, и тоа 30.000 евра, кои му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година, директно побарал и примил уште 20.000 евра, како дел од поткупот што го барал за да му го даде на судијата. Стафа е фатен со втората транша од покупот, а дали првата завршила кај судијата, Обвинителството не открива.
Претседателката на Апелацискиот суд од Скопје, Мери Дика, вели за весникот ВЕЧЕР дека за истрагата на ОЈОГОКК во Судот дознале од медиумите. За судијата кој одлучувал по жалбата на Пецов и кај кого, според истрагата, требало да завршат бараните пари за поткуп, Дика немаше коментар, кратко ни одговори дека Судскиот совет е тој што, доколку има сомнежи за некој судија, поведува постапка и спроведува соодветни мерки.
– Сè дотогаш, ништо не можеме да знаеме – одговори претседателката на Апелација.
Минатата година, за примање поткуп беа обвинети членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, и врховниот судија Наќе Георгиев, при што вториот беше затечен и приведен непосредно по земањето на парите за интервенирање во судски предмет, со цел да се олесни процесот на обвинет во предметот за шверц со марихуана. Двајцата се спогодија со Обвинителството. Меџити помина со условна казна, а Георгиев беше осуден на три години затвор. Двете пресуди предизвика бројни критики во јавноста, особено онаа за ексврховниот, Георгиев.
Судскиот совет неодамна го разреши апелациониот судија Енвер Беџети, бидејќи девет месеци ги чувал предметите на обвинетиот Сашо Мијалков, Обвинителството отвори и предистрага по сомнежите дека зел мито од ексдиректорот на УБК, обвинет за масовното прислушување од страна на поранешното СЈО.
Случаите на корупција во правосудството редовно се нотинари во извешатите на ЕК за напредокот на земјава.
Инаку, Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен првобранител од август во 2018 година до 23 август 2022 година, кога беше разрешен. Неговото име беше поврзано со неуспехот на државата да конфискува имот во вредност од околу 17 милиони евра од фирмата на Сеад Кочан – „Трансмет“. По разрешувањето, стана адвокат и се пријави на огласот за член на Судскиот совет.(П.А.)












