Банките имаат повеќе од два месеца за подготовка и проценка за примена на новите правила на Народната банка при давањето кредит за купување на прв стан. При тоа тој очекува комерцијалните банки да ја применат светската практика која се заснова на процената на ризикот дека семејствата коишто за прв пат купуваат стан и живеат во него или куќа, се помал ризик од аспект на сервисирање на обврските и тие добиваат поповолни услови, односно камати од банките.
– Банките имаат два и пол месеца за подготовка и очекуваме да се придржуваат на одлуката од аспект на тоа што е во надлежност на Народна банка во регулирањето на учеството во однос на месечната рата на кредитот и она ограничување што се однесува на висината на сопственото учество и вредноста на имотот којшто станува залог – вели гувернерот Трајко Славески.
Тој информира дека од банките нема никаква официјална или неофицијална реакција во врска со новите правила и смета дека се уште се пресметуваат.
– Немаме, треба да ги слушнеме, најверојатно прават проценки и пресметки. Немам ниту официјална, ниту неофицијална најава од страна на банките. Мислам дека се уште е рано – рече Славески.
Според него, релативно е дали се поповолни кредитите кога учеството е 10 или 20 проценти во услови кога граѓанинот која сака да земе кредит нема доволно пари.
– Ако можете сега да земете кредит со 10.000 евра во денарска противредност за помал стан кој не мора да биде во центарот на Скопје, влегувате во решавање на своето сопствено станбено прашање. Ако ви се потребни наместо десет туку дваесет илјади евра ќе треба да ги позајмите од некаде за што ќе плаќате камата, или да речеме од своите најблиски, роднини, пријатели или потрошувачки кредит, што се има трошок. Сакам да кажам дека нема ниту еден аргумент дека ова не е поповолно или не би било поволно за некој што го нема решено станбеното прашање – рече Славески.
Народната банка на 15 овој месец донесе мерки за олеснување на кредитирањето при купување прв стан што ќе почната да се применуваат од 1 декамври 2025 година. Како што беше потенцирано од Народната банка, се очекува со новата одлука сите лица со нерешено станбено прашање кои немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. За сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.
(С.Бл.)