Банките ги разгледуваат тарифите за провизиите откако минатата недела гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, го побара тоа. Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева, вели дека тоа зависи од одлуките на органите на управување на банките, односно тоа е индивидуална одлука на секоја банка.

Таа потсети на ветувањето на Народната банка за намалување на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).

– Да, на состанокот со гувернерот кажавме дека сите опции ќе бидат разгледани. Банките веќе почнаа да си ги разгледуваат тарифите, тоа што го даде гувернерот, но како што нагласив и тогаш, тоа е индивидуална одлука на секоја банка, односно, на органите на управување на банката. Пред сè, треба да ги погледнеме тарифите, беше ветено и од Народната банка дека на долговниот промет  на страницата на трансакциите поврзани со МИПС ќе има ослободување од таа трансакција. Тоа се покомплексни пресметки и за едното и за другото, така што во соодветно време очекувам дека ќе реагираат – рече Стевкова-Штериева.

Славески рече дека идната недела очекува во најкус можен рок банките да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Тој најави дека ќе претходи намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет.

Гувернерот истакна дека високите трошоци за извршување на плаќања можат да бидат бариера за користење на официјалните канали, особено кај населението со пониски примања, кое во услови на ценовно недостапни услуги ќе мора да се потпира повеќе на готовина.

– Надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите – иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак, претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат. Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство,  во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ – рече гувернерот.

Според достапните податоци, во 2024 година нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.

ИЗДВОЕНИ