Малите бизниси во државата тешко доаѓаат до поволни финансиски средства за инвестиции во развој, нови технологии. Ограничениот пристап до финансиски средства значи недоволна ликвидност, ограничена можност за инвестиции и пораст, како и тешкотии при навремено сервисирање на обврските. Поради тоа, од бизнис-секторот им порачуваат на банките да го одврзат кесето за да можат малите компании да ги зголемат производството и конкурентноста на своите производи на странските пазари

 

Малите бизниси во државата тешко доаѓаат до поволни финансиски средства за инвестиции во развој и нови технологии, кои од друга страна, придонесуваат за зголемување на производството и на бројот на вработени. На списокот проблеми со кои се соочуваат овие компании се и административните бариери, неефикасните и бавни јавни услуги, потребата за полесен пристап до иновации и дигитализација на процесите. Иако малите и микропретпријатија сочинуваат речиси 99% од приватниот сектор, тие се најизложени на трошоци, бирократски процедури и ограничен пристап до финансии. Во практиката, често важи правилото дека колку е помала фирмата, толку е потешко да преживее.

Ова го потврди новиот претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, кој рече дека ќе се залага за обезбедување на долгорочни кредити со ниски камати и со големи грант шеми кои би изнесувале и до 60 отсто од висината на заемот.

– Ограничениот пристап до финансиски средства значи недоволна ликвидност, ограничена можност за инвестиции и пораст, како и тешкотии при навремено сервисирање на обврските. Дополнително, административните бариери и бирократските процеси кои сè уште се присутни во јавниот сектор значат изгубено време, дополнителни трошоци и, за жал, обесхрабрување за многу претприемачи. Кога на сето ова ќе се додадат и бавните јавни услуги, како добивање дозволи, лиценци или одговори од институциите, станува јасно зошто важи правилото дека „колку е помала фирмата, толку е потешко да преживее“. Малите фирми немаат „луксуз“ од резерви, кадар или време да чекаат и да се приспособуваат, вели Ѓорѓиевски.

И Ангел Димитров од Организација на работодавачи смета дека банките треба да го одврзат кесето за да можат малите компании да ги зголемат производството и конкурентноста на своите производи на странските пазари.

– Банките се доволно капитализирани за да им дадат пари на малите компании. Проблемот кај малите компании е што немаат недвижности кои можат да ги стават под хипотека и да гарантираат дека ќе го вратат кредитот. Во развиените капиталистички држави постојат бизнис-ангели и развиен пазар на капитал на кој може да добиете средства за развој на вашата бизнис-идеја. Кај нас, за вакви проекти Владата мора да гарантира кај банките. Но, тоа е меч со две острици зашто секоја идеја не завршува успешно. Ако пропадне бизнисот, Владата треба да ги врати парите на банката, вели Димитров.

Тој вели дека грантовите што ги даваат странците се наменети за одредени цели кои сакаат да ги постигнат со нив. Тие им ги даваат овие пари само на компании кои исполнуваат одредени услови. Странците нема да дадат ѝ грант на некоја пекарница за да го зголеми производството, туку за вложување во зелена енергија, рециклирање, намалување на отпад…

Што се однесува до овие грантови, тие се мали пари и не играат голема улога кога се во прашање големите компании.

Андреа Серафимовски од „Гранит“ за весникот ВЕЧЕР вели дека грантовите на одредени фондови се добредојдени за сите, но на големите градежни компании за инвестиции и развој им требаат повеќе пари.

– Градежните компании добро ги искористија парите од унгарскиот кредит, кои освен за тековна ликвидност, можеа да се користат и за основни средства. Така многу компании со помош на овие средства успеаја да ја обноват својата механизација и да вложат во нови техники и технологии. Овие компании немаат директен пристап до грантовите и финансиски средства од други програми кои ги даваат владини и невладини организации. На градежниците им требаат други извори за тековно работење, плаќање на обврските, за создавање на дополнителна додадена вредност… Поради тоа, грантовите кои се даваат се добредојдени и за градежните компании, но за инвестиции и за развој им требаат повеќе пари, вели Серафимовски.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ