Гувернерот Трајко Славески на неговата прва средба со банкарите побара банките да ги намалат провизиите што им ги наплатуваат на граѓаните и компаниите при плаќањата. Тој смета дека високите трошоци се пречка, особено за посиромашните, да ги користат официјалните дигитални канали за плаќања и доколку тие станат поефтини и подостапни, ќе охрабрат повеќе граѓани да отворат сметки и да извршуваат трансакции преку официјални механизми.

– Тоа ќе придонесе и за намалување на сивата економија – бидејќи колку повеќе средства циркулираат преку формалниот банкарски систем, толку потранспарентни ќе бидат економските текови. И банките и граѓаните ќе имаат корист од тоа – преку подобра финансиска вклученост, зголемен број на плаќања, а со тоа и повисоки приходи, и подобри услуги за сите – рече Славески и очекува банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците.

Споредувајќи ги надоместоците за платежните услуги на банките со надоместоците на матичните банки од ЕУ,  како што информира гувернерот, согледани се неколку видови на платежни услуги за кои надоместоците треба да се намалат и поедностават, а некои и да се укинат.

– Надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите – иако се на слично ниво како кај матичните банки од ЕУ, сепак претставуваат висок трошок, посебно за малите и средните компании во земјата, поради што треба да се намалат. Надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежна сметка, претставуваат дополнителен трошок кој би требало да се укине имајќи предвид дека оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ, а дел од нив не наплатуваат вакви надоместоци ни од компаниите. Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката треба да се укинат имајќи предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а  оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ – рече гувернерот.

Според него, треба да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои банки се и во вид на процент од износот. Гуверенерот рече дека и надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците кои банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.

ИЗДВОЕНИ