Банката за развој на Латинска Америка и Карибите (CAF) во понеделник соопшти дека ќе ги дуплира своите инвестиции во заштита на океаните и поддршка за одржливи морски економски активности на 2,5 милијарди долари (околу 2,2 милијарди евра).
Во соопштението се вели дека дополнителните средства ќе бидат распределени во периодот 2025-2030 година и ќе бидат фокусирани на области како што се поморски транспорт со ниски јаглеродни емисии, реставрација на деградирани океански екосистеми и одржлив туризам, објави „Ројтерс“.
CAF веќе ја надмина својата постоечка обврска за финансирање на заштитата на океаните од 1,25 милијарди долари во периодот 2022-2026 година, откако инвестираше 1,3 милијарди долари во текот на изминатите три години.
Конференцијата на Обединетите нации за океаните, што ќе се одржи следната недела во Ница, Франција, има за цел да ги натера земјите да се обврзат на заштита и поголемо инвестирање во зачувувањето на океаните, вклучително и ратификација на глобален договор за заштита на биодиверзитетот на океаните, што повеќето од 116-те земји што го потпишаа сè уште не го сториле.
Океаните се клучни за трговијата, како и за одржување на глобалните климатски системи, а финансирањето за заштита на океаните е недоволно, изнесувајќи само 10 милијарди долари од 2015 до 2019 година, далеку под 175 милијарди долари потребни годишно, соопшти ОН, пренесува „Танјуг“.