Банкарскиот систем, приватните пензиски и инвестициски фондови, осигурителниот сектор, штедилниците и друштвата за лизинг ја задржаа својата стабилност, покажувајќи добра отпорност на шокови и способност за приспособување на промените во економското и регулаторното опкружување. Ова е нотирано во Извештајот на Народна банка за финансиска стабилност за 2024 година.
– Финансиските институции работеа во услови на умерено забрзан економски пораст и постепено намалување на инфлацијата, додека геополитичкото опкружување остана нестабилно носејќи со себе неизвесност и зголемени ризици – велат од Народна банка.
Банкарскиот систем е од клучно значење за финансиската стабилност бидејќи тој ги опфаќа заштедите на нефинансиските сектори, но и значителен дел од средствата на дел од небанкарските финансиски институции. Во Извештајот се оценува дека банкарскиот систем ја задржа стабилноста, зголемувајќи ја адекватноста на капиталот до највисокото ниво досега, ликвидносната позиција уште повеќе се подобри, а се одржа и добриот квалитет на кредитното портфолио. Макропрудентните мерки што ги донесе Народната банка помогнаа за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
Приватните пензиски фондови го сочинуваат вториот по големина сегмент од финансискиот систем. Нивните остварувања се подобрија во 2024 година, остварувајќи повисоки номинални и реални стапки на принос. Ризиците за финансиската стабилност од приватните пензиски фондови засега се ограничени поради сѐ уште младото членство на фондовите и минималните исплати врз основа на пензии.
– Ограничени се и ризиците од осигурителниот сектор, кој одржува соодветна солвентност и ликвидност и солидна профитабилност. Останатите сегменти на финансискиот систем се значително помали, а во 2024 година се издвојуваат отворените инвестициски фондови, кои остварија висок пораст на средствата од над 60%, кој се должи на привлекувањето нови инвеститори и/или нови средства во отворените инвестициски фондови, но и на управувањето со средствата – се посочува во Извештајот.
Се оценува и дека ризиците од нефинансискиот сектор се умерени со оглед на добрата финансиска позиција на домаќинствата и на корпоративниот сектор и ниската стапка на нефункционални кредити во кредитното портфолио на банките. Иако задолженоста на двата нефинансиски сектора расте во 2024 година, и е во рамки на прагот на ранливост и на двата сектора, сепак, треба внимателно да се управува со долгот за да се одржи во истите рамки и во следниот период.