Полицијата во Милано разби банда вмешана во кражби и изнуда, при што уапси 21 лице, вклучувајќи 96-годишна жена која била водач на криминалната група, објавија денес италијанските медиуми.
Групата е откриена по истрагата што започна во 2023 година, по серија грабежи, киднапирања и измами, објавува „Милано Тудеј“. Според полицијата, бандата остварила профит од 2,5 милиони евра преку криминални активности.
Начинот на дејствување на групата обично бил ист, при што членовите на бандата се претставувале како лажни полицајци. На овој начин, тие им пристапувале претежно на постари лица кога влегувале во нивните домови, се претставувале со лажни лични карти, а потоа влегувале и краделе што е можно повеќе вредни предмети за кратко време.
Најчесто краделе накит, кој потоа го транспортирале во странство со кампер-комбе, а потоа го рециклирале со соучество на златарите.
Истрагата вклучуваше меѓународна соработка меѓу службите, а бандата покрај Италија, дејствувала и во Швајцарија и Белгија. За време на претресот во Швајцарија, запленети се 43.000 евра во готово, бројни луксузни часовници, златни прачки, накит и чанти. За време на истрагата, запленети се уште 15.000 евра во готово, како и луксузна стока во вредност од 500.000 евра.
Меѓу уапсените е и 96-годишна жена за која истражителите рекоа дека била шеф на логистичката база на криминалната група. Вкупната вредност на украдената стока е околу 2,5 милиони евра, соопшти полицијата.












