Иако Тајван е признат низ целиот свет првенствено како технолошки гигант, мала компанија од руралниот дел на островот се обидува да ја врати славата на долго заборавениот дел од неговото земјоделско наследство – растението банана.
Нелсон Јанг, основач на „Farm to Material“, разви иновативен процес кој користи отпад од растението банана за производство на одржлив текстил. Неговата цел? Да создаде решенија за модната индустрија кои се еколошки и корисни за локалните заедници.
Компанијата користи псевдостебла од банана – делот од растението што обично се фрла откако ќе се собере овошјето. Вишокот се преработува во влакна, кои потоа се користат за производство на преѓа. Ова преѓа може да се комбинира со памук за да се направат чорапи или да се преработи во веганска кожа.
Јанг вели дека идејата се појавила во 2008 година, кога европските брендови за спортски обувки почнале да бараат материјали што би можеле да се произведуваат паралелно со храната – од истата земја.
„Ние буквално работиме на овој концепт. Сè што користиме доаѓа од отпад од земјоделската или прехранбената индустрија“, објаснува Јанг.
Иако проектот е сè уште во рана фаза и без никакви големи комерцијални нарачки, има интерес од експерти.
Според Шарлот Чианг од Федерацијата за текстил на Тајван, влакната од банана имаат бројни предности во однос на конвенционалниот памук – тие користат помалку вода, подобро ја апсорбираат влагата и обезбедуваат стабилно снабдување.
Инаку, Тајван беше познат и како „кралство на бананите“ во текот на 20 век, но земјоделството постепено падна во сенка на сè помоќната технолошка индустрија.
Со вакви проекти, се чини дека природните ресурси повторно би можеле да станат важен адут на земјата.