Повеќе од дваесет балони што ги користеле шверцерите за транспорт на цигари од Белорусија до Литванија синоќа го прекинаа работењето на аеродромот во Вилнус, соопштија локалните власти, пренесува „Бета“.
„Летовите беа суспендирани на аеродромот во Вилнус од 22:15 часот во сабота до 4:40 часот наутро во недела“, изјави за , Дариуш Бута, претставник на Националниот центар за управување со кризи, додавајќи дека околу 30 летови биле одложени, откажани или пренасочени.
Околу 25 балони го нарушиле литванскиот воздушен простор, вклучувајќи два во близина на аеродромот.
До утрово, пронајдени се единаесет балони полни со пакетчиња цигари.
Ваквите балони веќе слетале во Литванија, дури и на аеродромот, претходно оваа година, а граничната полиција има право да ги собори од 2024 година.
Шверцерите користат временски балони за да прикачат пакувања белоруски цигари за да ги продадат во Европската Унија, каде што тутунот е поскап.
Литванија регистрираше 966 вакви балони што влегле во земјата минатата година и 544 оваа година.
„Употребата на дронови и метеоролошки балони од страна на шверцери се смета за криминална активност, но не и за саботажа или провокација“, рече функционерот.
Литванија, членка на ЕУ и НАТО, е чувствителна на нарушувањата на нејзиниот воздушен простор по два инциденти со дронови управувани од Русија кои влегоа на нејзина територија од Белорусија во јули. Едно од дроновите носеше експлозиви.