Албански државјанин вчера бил приведен во Гевгелија откако полицијата го фатила при шверц на 10 мигранти во неговото возило со албански национални ознаки. Седуммина од луѓето што ги превезувал биле од Египет, а тројца од Мароко и биле сместени во прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. Завчера, пак, МВР соопшти дека на регионалниот пат Валандово – Дојран, товарно возило „мерцедес“ со полуприколка со српски национални ознаки, управувано од С. М. (52) од Србија, излетало од коловозот при што од здобиените повреди починало женско лице, мигрант од Кина. Со повреди се здобиле уште седум лица, мигранти од Кина, кои без знаење на возачот влегле во приколката. А пред три дена, пак, македонската полиција кај Гевгелија уапси маж и жена од Албанија кои превезувале пет мигранти од Сирија и од Египет. Ден пред тоа, во месноста Ресуљка, во близина на граничната линија меѓу Македонија и Србија, македонска полиција откри дури два импровизирани кампа во кои се шверцувале мигранти.
– Во камповите биле пронајдени вкупно осум илегални мигранти, и тоа двајца од Пакистан и шестмина од Авганистан, меѓу кои и две деца. Истиот ден, до ОЈО ГОКК е поднесена кривична пријава против пет лица – З. Х. (20), Џ. Д. (31), В. Х. (34), А. Ш. (37) и едно 15-годишно лице, сите државјани на Авганистан. Тие се сомничат за сторено кривично дело шверцување мигранти. Осомничените користеле сила и закана за да изнудат парични средства од жртвите, со цел да ги префрлат во Србија и понатаму во земјите на ЕУ – соопшти македонската полиција.
Цела серија случаи кои укажуваат дека шверцот на мигрантите преку македонската територија сè уште функционира, при што тој црн „бизнис“ сè повеќе преминува во рацете на странските државјани. А со тоа како да се потврдува дека поранешната „Балканска мигрантска маршрута“ и натаму постои, иако во 2016 година беше прогласено дека е затворена. Но, ако во таа и во претходната година преку Грција, Македонија, Србија, БИХ, Хрватска, Словенија… поминуваа десетици илјади мигранти, сега бројките се намалени, но не и запрени. Грчката полиција вчера објави дека во морето кај Крит спасила повеќе од 100 мигранти во три чамци кои како цел ги имале земјите на ЕУ.
МН: Од Атина и Солун се тргнува кон македонската граница
Грчката престолнина Атина, но и градот Солун, практично со години се собирни центри од кои почнуваат шверцерски мигрантски маршрути кон и преку Македонија. Шверцерите оттаму организирано ги носат во близина на граничната линија со Македонија и по што, преку илегални премини во Гевгелискиот и во Дојранскиот Регион, пеш навлегуваат во нашата земја. Потоа, со моторни возила илегално се преминуваат во северниот Кумановско-липковскиот Регион на нашата земја, каде што се сместуваат во засолништата обезбедени од нивните помагачи и потоа чекаат префрлање со шверцерски канал на српска територија. Се чини, дека оваа мигрантска маршрута функционира постојано, при што полицијата одвреме-навреме открива транспорти. Во северното подрачје често може да се сретнат мигранти од разни земји кои чекаат префрлање во Србија, при што се без храна, пијалаци, доволно облека… За да им се помогне, колку-толку на овие луѓе, македонски Црвен Крст во Лојане направил и хуманитарна сервисна точка за да добијат храна, облека, лекови и слично.
– Затворањето на официјалната Балканска маршрута во март 2016 година резултираше со намалување на масовните движења, но не доведе до целосен престанок на транзитот. Движењето на мигрантите, практично, никогаш не било запрено, туку и понатаму продолжува да функционира. Ние сме транзиторна земја за мигрантите, а не финална дестинација во која мигрантите ќе бараат меѓународна заштита. Посттранзитните движења во 2016, особено во Северниот Регион, беа јасен индикатор за зголемена потреба од хуманитарен ангажман, што беше основа за отворање на Хуманитарната сервисна точка каде што се обезбедува помош за лица кои се движат по ирегуларни патеки – ни вели Сандра Томовска, теренски координатор на Црвен крст на Град Скопје.
Таа во овој, но и во Гевгелискиот Регион често се среќава со мигранти илегално префрлени од Грција.
– Голем број од нив покажуваат јасни знаци на физичка и на психолошка исцрпеност, што укажува на долги и на опасни патувања. Она што го забележуваме од хуманитарните тимови е дека многу луѓе пристигнуваат со повреди од долго пешачење, од изложеност на временски услови, без доволно храна, вода и облека – што укажува на тоа дека пешачките делници се значаен дел од нивното движење. Лицата што ќе бидат пресретнати од мобилните тимови на ХСТ Лојане добиваат хуманитарна поддршка и асистенција. По нивното заминување во непознат правец, мандатот на Црвениот крст престанува. Наш приоритет е тие да добијат хуман третман додека се на наша територија, со што се намалува ризикот од болести, исцрпеност и животозагрозувачки состојби – објаснува Томовска.
ПН: Не помагаат ни високите казни за организаторите
Искуствата покажуваат дека заминувањето на мигрантите е стриктно кон Србија, поретко кон Косово каде што користат нови шверцерски канали. Колкава е бројката на мигрантите кои во изминативе десетина години поминале преку македонска територија, не е познато. Она што се знае, се само податоци за спречени илегални влегувања во наша земја. Така, податоците на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција покажуваат дека секоја година се спречуваат илјадници такви навлегувања. На границата со Грција во 2021 година биле спречени 18.424 илегални влегувања, во 2022 – 24.965, во 2023 – 12.477, а лани во 2024 година 4.297. Со тоа, би се кажало дека трендот оди надолу, но прашањето што се поставува е дали се работи за помал број мигранти или, пак, за помало откривање од граничните полициски служби? Ова од причина што, на пример, лани кога имало големо намалување на откриени случаи на границата со Грција имало истовремено зголемување на бројот на откриени и попречени илегални обиди за нивен влез во Србија – од 1.405 во 2023 година на 2.328 во 2024 година. А тоа значи дека во земјава влегле многу мигранти кои претходно не биле попречени на нашата јужна граница.
Тоа дека шверцерските канали функционираат интензивно покажува и фактот дека е голем и бројот на откриени случаи чии сторители се осудени пред македонските судови.
– Во 2022 година, во Основен суд Скопје се примени 108 предмети врзани со трговија со луѓе и илегални миграции при што се изречени 85 пресуди со кои се осудени 83 лица од една до 18 години затвор. Две години подоцна, за ова кривично дело осудени се 83 лица на казна затвор од три месеци до десет години затвор – наведуваат до Националната комисија.
Но, очигледно, ни високите затворски казни не го запираат шверцот на мигрантите бидејќи заработувачката за двочасовен транспорт од Гевгелија до Табановце изнесува повеќе стотици евра од секој мигрант. Веќе се лоцирани и најчестите подрачја каде мигрантите се преземаат со возилата – автопатот од Гевгелија кон Скопје и Демир Капија, правецот Марвинци – Удово, клучка Миравци, наплатна рампа Смоквица, патот Неготино – Градско, Струмица – Штип… Оние мигранти кои пеш ја поминуваат нашата територија веќе се реткост.
– Одамна нема такви мигранти. Летоска имаше само неколку, а последниве месеци нема воопшто. Целиот шверц е моторизиран – наведува Ленче Здравкин, хуманитарка од Велес која многупати им помагаше на мигрантите за време на постоењето на Балканската маршрута.
Инаку, во структурата на мигрантите има лица од најразлични земји. Лани бил спречен влез на 3.156 Сиријци, 582 Мароканци, 525 Египќани, 370 Ирачани. Неочекувано е тоа што како илегални мигранти биле откриени и 244 лица од Турција, како и 99 од Кувајт.
Во попречување на илегалниот влез на мигрантите во наша земја помагаат и припадници на странските полициски сили. Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, по неодамнешната средба со британскиот премиер, Кир Стамер, изрази подготвеност и британски полицајци да им се придружат на македонските колеги во чувањето на границите од мигрантите кои заминуваат и во Велика Британија. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Валканиот транспорт преку наша земја сè повеќе во рацете на странските државјани
Полициските извештаи покажуваат и тоа дека главната улога во организирањето на шверцот на мигрантите преку наша територија сè повеќе ја имаат и странски државјани. Па така, полицијата открива шверцери од Албанија, Косово, Србија кои доаѓаат во Македонија за преземање на мигрантите. Има и лица кои сами влегле во Грција, Македонија и Србија како мигранти од Авганистан, Пакистан… и остануваат во нив за да организираат шверцерски канали како водичи – „качаци“.
– Тие се најчесто од земјите од Блиски Исток, имаат улога на водичи, користат и патнички или товарни возила со странски регистарски таблички, дел има и натписи со рекламни материјали на фирми, со направени бункери – наведуваат од Националната комисија.












