Со едвај преку 733.000 жители, Алјаска е најголемата држава во Соединетите Американски држави. Познато е дека кон крајот на 19 век била купена од Русија, но малкумина знаат дека еден од политичарите кои помогнале оваа ледена земја да стане 49. држава на САД, потекнувал од Балканот.
Тоа е Мајк Е. Степовиќ, син на рибарот Марко Стијеповиќ, кој се доселил во Америка кон крајот на 19 век од родниот Рисен, рибарско гратче во Бока Которска, Црна Гора. Тој се качил на еден од трансокеанските товарни бродови за Америка и пристигнал на Алјаска во 1892 година. Се населил во Фербанкс, каде станал рудар и го добил прекарот Мудриот Мајк. Подоцна го сменил презимето Стијеповиќ во Степовиќ и се оженил со Олга Барта, исто така од Балканот, чие семејство емигрирало од Хрватска. Со неа го добил синот Мајк, но набргу се развеле, а таа заедно со шестмесечното бебе заминала за Орегон.
Адвокат по професија, по завршувањето на Втората светска војна, која ја поминал во редовите на американската морнарица, Мајк помладиот се вратил во родната Алјаска, во Фербанкс. Во политиката влегол во 1950 година кога станал член на Претставничкиот дом на Алјаска како републиканец, а две години подоцна го освоил првиот од двата сенаторски мандати. Главна политичка цел му била неговата родна Алјаска, која била територија во рамките на САД, без статус на федерална држава, да добие ѕвезда на американското знаме. И успеал во тоа. Тогашниот претседател, републиканецот Двајт Ајзенхауер во 1957 година го назначил Мајк за гувернер на територијата Алјаска, а во 1959 година го потпишал Законот за државност на Алјаска.
Според „Бостон њуз“, Мајк Степовиќ успеал во намерата иако многу жители на Алјаска се спротивставувале на државноста и покрај тоа што добивале критики од републиканците дека сакаат да ја избегнат одговорноста што ќе дојде со влегувањето во федералниот американски систем. Тогаш дури ни Белата куќа не ја видела користа од вклучувањето на огромни, оддалечени и ретко населени територии во федералните институции. Но, Степовиќ бил упорен и со поддршка на републиканците во Сенатот и Конгресот и зеленото светло на Ајзенхауер, за „земјата на мразот и златото“ издејствувал статус на држава.