Во 1995 година, балетското образование во Гевгелија доби професионален карактер со отворањето на балетскиот оддел во општинското основно училиште „Васо Карајанов“. Темелите на оваа уметност ги поставија тогашниот директор Ѓорѓе Улишев и балетскиот педагог Јасна Ризова, чии визионерство и страст продолжуваат да ги инспирираат генерациите. Во овие три децении, повеќе од 350 ученици го имаат започнато своето балетско образование во училиштето. Некои од нив продолжиле со средното балетско образование во Скопје, со намера балетот да им стане животна професија
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Општинското основно музичко училиште „Васо Карајанов“ е основано во 1978 година. Прв директор, а воедно и еден од најзаслужните за нејзиното формирање, бил професорот Ѓорге Улишев. Формирањето на музичкото училиште и неговата понатамошна дејност биле соодветни на јасно изразените потреби за ширење на музичката култура и едукацијата, но и за збогатување на културниот живот во Општината. Во 1995 година, балетското образование во Гевгелија доби професионален карактер со отворањето на балетскиот оддел во ООМУ „Васо Карајанов“. Темелите на оваа уметност ги поставија тогашниот директор Ѓорѓе Улишев и балетскиот педагог Јасна Ризова, чии визионерство и страст продолжуваат да ги инспирираат генерациите. Благодарение на стручноста, големиот ентузијазам и поддршката од Општината и од државата, балетскиот оддел работи полни три децении. По овој значаен повод, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со директорката на училиштето, Сузана Стефанова.

Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ започнало со двајца вработени во 1978 година за да се промовира во изминативе неколку децении во еден значаен културно-образовен центар на југоистокот. Според многумина, ова училиште мошне успешно ја исполнува својата мисија сите овие години. Се согласувате ли?
Досегашните резултати покажуваат дека училиштето успешно ја исполнува својата мисија, особено во развојот на младите таленти. Многумина сведочат за квалитетот на образованието и на учењето што се нуди. Благодарение на посветеноста и на ентузијазмот на нашите уметници и педагози, Гевгелија успеа да изгради значаен културно-образовен центар во изминатите неколку децении, како на полето на музичката така и на полето на балетската уметност.
Училиштето е расадник на млади и талентирани ученици – музичари и идни балетани. Кои наставни содржини се застапени во училиштето и колку ученици се запишани оваа учебна година?
Во училиштето се изучуваат различни музички дисциплини, вклучувајќи класична музика, теорија на музиката, инструментите пијано, виолина, флејта и кларинет, како и балет. Оваа учебна година, училиштето има значителен број запишани ученици, вкупно 150, кои активно учествуваат во сите активности. Традицијата на успешни настапи и на успешни натпревари и зголемениот број запишани ученици од година на година потврдуваат за континуитетот и за квалитетот во наставата што се изведува.
На крајот од 2025 година, во рамките на програмата „Гевгелија – Град на културата“, училиштето го одбележа значајниот јубилеј – 30 години балетско образование. Со каква програма се претстави балетскиот оддел пред публиката?
Балетскиот оддел, во рамките на 30-годишнината, подготви специјална програма, која вклучуваше настапи на учениците, оригинални кореографии и гостувања на средното балетско училиште, ФМУ – Скопје, како и на други балетски студија. Покрај традиционалните новогодишни и балетски претстави во текот на минатата година, балетскиот оддел од нашето училиште беше дел од целовечерната балетска претстава „Велеградски варијации“ од Љубомир Бранѓолица, која се одржа во рамките на манифестацијата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“. Исто така, акцентот за одбележување на јубилејот беше ставен на изведбата на балетски кореографии од балетот „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски. На сцената учествуваа 52 ученици по балет, кои со голема посветеност и елан се подготвуваа за овој значаен настан за нашето училиште.

Балетскиот оддел веќе три децении создава генерации танчари што ја негуваат традицијата на класичниот балет и активно придонесуваат за културниот живот на градот. Во овие три децении, колку ученици го започнале балетското образование и дали некои од нив го избрале балетот за своја животна професија?
Во овие три децении, повеќе од 350 ученици го започнале своето балетско образование во училиштето. Некои од нив продолжиле со средното балетско образование во Скопје, со намера балетот да им стане животна професија. Меѓу првите се ученичките Ивана Иванова и Виолета Петкова. Денес, двете нижат успеси во својата педагошка дејност, а за нашето училиште особено ја истакнувам дејноста на професор Виолета Петкова, сега Чокова, која работи како наставник по балет од 2011 година. Исто така, од поновата генерација ги издвојувам и балетските уметници Виолета Карајанова и Тодор Стојанов, кои денес блескаат на големата сцена на Македонската опера и балет, како членови на балетскиот ансамбл, сведочејќи за објективот на соништата и трудот.
Покрај во Скопје и во Кавадарци, само уште Гевгелија има балетско образование во рамките на музичкото училиште. Со каков балетски наставен кадар располагате денес?
Денес, наставниот кадар при балетскиот оддел во ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија го сочинуваат наставничката по балет, Виолета Чокова, и балетскиот корепетитор, Соња Јованова. Општина Гевгелија треба да биде горда, бидејќи ја има таа привилегија што е една од трите општини во државата, покрај Скопје и Кавадарци, кои нудат основно балетско образование во рамките на музичкото училиште.
Каков е интересот кај младите гевгеличани да се запишат на балетскиот оддел, кога ќе се има предвид дека балетската уметност, поради својата техничка сложеност и естетската вредност, се смета за најпрестижна форма на танц?
Има значаен интерес кај младите гевгеличани да се запишат на балетскиот оддел, иако балетот е предизвикувачка уметност. Многу млади го гледаат балетот како можност за изразување и развој, иако тоа бара многу труд и посветеност. Интерес за изучување има и во околните општини, па така имаме ученици од Богданци и од Дојран.












