Нехигиена на три од чешмите во училниците, од која едната во училишната кујна, е причината за труењето на учениците во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопски Карпош. Ентеробактер дополнително е пронајдена во мусаката што ја јаделе учениците за ручек, потврдија од Институтот за јавно здравје. Пет од затруените деца до вчера беа на болничко лекување на Детската клиника во Скопје и нивната состојба е стабилна. Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, не исклучува дека некои од децата се заразени од норо вирус, кој бил утврден кај едно од децата со симптоми, бидејќи вирусот лесно се пренесува и долго може да „преживее“ на школскиот инвентар

Ентеробактер е пронајдена во две рачни чешми од две одделенија и една во кујната во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во скопски Карпош и во мусаката што ја јаделе учениците пред да се пожалат на стомачни тегоби, потврдија од Институтот за јавно здравје. Бактеријата која била пронајдена и која предизвикува симптоми на повраќање укажува на нехигиена, рече директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска.

Сепак, не исклучува дека некои од децата се заразени од норо вирус, кој бил утврден кај едно од децата со симптоми, бидејќи вирусот лесно се пренесува и долго може да „преживее“ на школскиот инвентар, вели Андоновска.

Пет од затруените деца до вчера беа на болничко лекување на Детската клиника во Скопје и нивната состојба е стабилна, изјави директорот Реџеп Мемеди.

Две од претходно лекуваните на Клиниката се пуштени на домашно лекување. Со симптоми на повраќање и болки во стомакот се пожалиле уште десетина деца, но немало потреба од нивно болничко задржување. Децата што биле прегледани посочиле дека се затруле од „нешто“ од училиште. Сите примени на Клиниката имале исти симптоми, стомачни болки, повраќање, дијареја и зголемена телесна температура, што укажувало на сомнеж за труење со храна.

Градски водовод ја исклучија можноста труењето да настанало од водата за пиење. Од вонредното испитување се утврдило дека е санитарно исправна и дека може непречено да се употребува.

– На ден 26.11.2025 година, „Водовод и канализација“ изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ „Димо Хаџи Димов“, Општина Карпош. Секторот за санитарна контрола зеде четири примероци од две локации (училница и кујна), од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа. Од добиените резултати, сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, при што констатираме дека водата е санитарно исправна и може непречено да се употребува – соопштија од јавното претпријатие.

На 26 ноември, околу 40 ученици од „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае се пожалија на стомачни болки. Меѓу нив и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој бил добро и очекува да се врати на училиште в понеделник.

– Антониј беше дел од таа група дечиња на кои им се случи тоа што се случи, тоа труење. Имаше некои медиуми што пренесоа дека е во тешка состојба, дека бил хоспитализиран. Сакам да демантирам. Беше во состојба во која беа сите други дечиња. Имаше некои што, за жал, правеа таква драма, морам да признаам дека не е вистина тоа. Инаку, да, и тој беше жртва на тоа труење, три дена примаше инфузија, не одеше во училиште. Тој е храбро момче, пргаво, динамично, сака да се дружи. Претпоставувам, во жарот на тоа дружење, биле на ручек, тој е целодневна настава. Консумирале иста храна – изјави премиерот Мицкоски.

Ова не е прв случај на сомнеж за труење со храна на ученици во Општината Карпош. Претходно, во 2023 година, најмалку девет деца беа заразени со салмонела во три основни училишта во Општината, каде што со храна се снабдуваат од истата компанија што ја подготвува храната во „Димо Хаџи Димов“. Тогаш, по извршените контроли, од АХВ беше соопштено дека резултатите од земените мостри од храна од училишните кујни во Општина Карпош биле уредни.

Ваквите случаи на масовно труење од храна го отвораат прашањето колку е квалитетна и безбедна храната што ја консумираат учениците во основните и во средните училиште, но и што се подготвува и продава во нивна близина. Мајка на ученик во седмо одделение вели дека секој ден му подготвува на своето дете оброк од дома, но, сепак, дружбата со другарчињата на големиот одмор била причина, покрај домашната, да купи и храна од најблиската пекарница или продавница.

Агенцијата за храна, во последните контроли спроведени во училиштата и околу нив, заплени и уништи стотици килограми небезбедна храна. На почетокот од учебната година во септември, по инспекциска контрола во 90 градинки и во 23 училишта, запленила и уништила 83 килограми небезбедна храна од само три градинки и една училишна менза. Најчестите пропусти што ги забележале инспекторите од Агенцијата се несоодветно чување на храната, неспроведен задолжителен здравствено-санитетски преглед на вработените што работат со храна, без задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектите каде што се подготвува храната, како и недостиг на основни технички услови за производство на храна. За овие пропусти, Агенцијата изрекла казни на 77 оператори со храна, во вкупна вредност од 36 илјади евра, издала и стотина наредби за отстранување на пропустите и 23 опомени.

Но, проблеми со храна што најчесто ја консумираат децата се забележани и во сендвичарници и во бурекчилници во близина на основните и на средните училишта, од каде што учениците сами купуваат храна на одморите. Инспекторите од Агенцијата за храна пред две недели изрекле 15 забрани за вршење дејност на оператори со храна во близина на училиштата. Само од објекти што продаваат храна во близина на школите биле запленети и уништени 696 килограми небезбедна храна од непознати набавувачи.

– Со спроведените контроли, утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, а од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство – се наведува во соопштението од АХВ од 16 ноември.

Во Македонија, секое училиште што нема сопствена кујна, храната ја набавува од приватна фирма избрана преку тендер. Дел од учениците земаат само ужина, други само топол оброк, а некои и двете. Најчесто во оние училишта каде што не се готви, фирмата што ја доставува храната претходно ја подготвува во кујна во друго училиште, каде што истата фирма го има добиено тендерот, а потоа подготвената храна се разнесува. Според Годишниот план на АХВ , контроли во кујните во училиштата и во градинките се прават најмалку три пати годишно.
(П. А.)

ИЗДВОЕНИ