Хравтскиот град Солин (Канцеларија на градоначалникот Далибор Нинчевиќ) и Јавната установа за култура „Звонимир Солин“ пред некој ден испратија заедничко соопштение во кое ја наведоа својата одлука за откажување на концертот на српскиот рокер Момчило Бајагиќ-Бајага и неговите “Инструктори“, а кој требаше да се одржи во рамките на тамошниот летен “Кава-Фест 2025“. Оваа ужасно тажна вест одекна како бомба низ медиумите во поранешна Југославија. И зошто Бајага да биде забранет? Разбираме дека на Цеца Ражнатовиќ ѝ е забрането да пее во живо во Хрватска, но како сега и Бајага?
-Ве известуваме дека концертот на Бајага и “Инструктори“ е откажан, како што веќе ја информиравме јавноста, поради безбедносни и технички причини, објавија организаторите. Сепак, според истражувањата на новинарите, откажувањето на концертот на Бајага во овој дел од Хрватска доаѓа како резултат на барањата на хрватските воени ветерани. Според кажувањата на тие ветерани, Бајага имал концерт за времето на војната во тогаш окупираниот Книн, се со цел да го подигне моралот на српските војници, односно, како што велат тие, на вооружените четници!
Поради таа причина која сите ги засега, а најмногу хрватските фанови на Бајага, се јави и менаџерот на српскиот рокер.
-Навистина ни е жал за Бајага, тој е длабоко разочаран. Луѓето очекуваа негов концерт, бидејќи Бајага не бил таму околу дваесет години. Некогаш, семејствата знаеа дека имаат некоја своја личност која е будала, а сега целиот свет знае дека будалата е будала, објасни менаџерот Драгослав Гане Пецикоза. Па, кој го разбрал-разбрал! – Имаме уште пет договорени градови во Хрватска. Може да биде критично ако и тие пет градови ни ги откажат, но се надеваме дека тоа нема да се случи, додаде Пецикоза, потенцирајќи дека фановите на Бајага знаат за рокерот кој нема дамка во својата кариера. -Бајага е врвен музичар. Не сфаќам зошто сега испливуваат на површина вакви нечесни работи? Навистина нема толку лесно да се откажеме од хрватската публика на Бајага, се обиде да разјасни Пецикоза.
На големо задоволство кај нас во Македонија ситуацијата со настапот на Бајага е сосема, сосема поинаква. Така да мегапопуларниот Бајага, со своите “Инструктори“ ќе има ексклузивен концерт во Македонија и тоа во Битола на популарното Ракометното игралиште, неколку дена пред Илинден, на 27 јули со почеток во 21 часот! Битолскиот концерт на Бајага е потполно распродаден. Ќе претставува повеќе од 2 ипол часа врвна и квалитетна летна музичка забава за сите љубители на неговите песни. Во организација на “Авалон“! Затоа едвај се чека да се пеат тие хитови во градот под Пелистер, со илјадници и илјадници верни македонски фанови на Бајага. (Д.М.) фото:архива