Објектот во Бит-пазар е поставен врз велосипедска и пешачка патека и претставува ризик за граѓаните, вели скопскиот градоначалник, кој најави засилен надзор и комунална полиција.
– Секаде каде што има узурпација на државен простор ќе се постапува. Целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите – порача скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки за справување со дивите депонии и со дивопоставените објекти во главниот град. Тој додаде дека ќе се интензивираат и акциите против објектите поставени без соодветна документација, кои, како што посочи, узурпираат јавни површини, велосипедски и пешачки патеки, како и зелени зони. Меѓу најавените чекори е и уривање на познатиот објект „Али Тобако“, на Бит-пазар, како и отстранување на други дивопоставени градби.
Тој посочи дека објектот е поставен директно на велосипедска и пешачка патека, што, според него, го отежнува нормалното функционирање на просторот и претставува ризик за граѓаните.
– Секаде каде што има узурпација на државен простор, ќе се постапува. Целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите – порача Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека воспоставувањето ред е приоритет на градската администрација. Ѓорѓиевски информира дека по третпат се спроведува акција за расчистување на депонијата во близина на гробиштата во Бутел, во координација со Општина Бутел. Според него, просторот со години бил запуштен и недостоинствено уреден, особено во периоди кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата за верските празници.
– Ова е трета акција за чистење откако сум на функцијата. Во изминатите четири дена повторно се ангажирани екипи, механизација и камиони за расчистување на истата локација. Наместо средствата да се вложуваат во развојни проекти, повторно се трошат ресурси за санација на штета – изјави Ѓорѓиевски.
Како претседател на ЗЕЛС, тој побара итно усвојување на законските измени со кои би се овозможило формирање комунална полиција и зголемување на глобите за прекршителите.
– Потребни се повисоки казни и поефикасен надзор за конечно да се стави крај на несовесното однесување. Ред мора да има – нагласи скопскиот градоначалник.
Со најавените мерки, градските власти очекуваат да се воспостави поголема урбана дисциплина и да се спречи повторно создавање на диви депонии и нелегални објекти низ Скопје.
(А. П.)












