Првите поворки никогаш нема да ги заборавам – пред црквата „Св. Димитриј“, на минус дваесет степени, со мали дечиња во скафандери, со црвени носиња и ѕвездички во рацете. Пееја нешто што го чуле, нешто што дури и не го знаеја целосно, но радоста беше искрена. А моментот кога со неколку стотици деца влегувавме во Соборниот храм и ја пеевме „Вечниот Бог“– тоа беше чувство на радост, љубов и голема благодат. Децата растеа, а со нив и нашето чувство дека ова не е само настан, туку нешто што остава трага. Во еден момент, дојде и повикот што природно нè повлече чекор подлабоко, раскажуваат Марија и Ангел за весникот ВЕЧЕР, во пресрет на годинашната божиќна манифестација што ќе се случува во Скопје и во повеќе од 80 општини во земјава на 6 јануари, „Бадникови поворки“

 

 

Марија САРЕВСКА ТОДОРОВСКА

Фото:Пјотр Стојановски

Благодарение на здружението „Бадникови поворки“, манифестацијата „Бадникови поворки“ веќе 17. година се одржува на 6 јануари, кога поворки од дечиња, пеејќи каланди, го најавуваат раѓањето Христово на повеќе локации во Македонија. Дел од целата благородна приказна е и семејството Мицевски, Ангел, Марија, Сара и Димитриј, кое прво спонтано, а потоа и официјално станува нераздвоен дел од организацијата и сето она што овозможува „Бадниковите поворки“ да заживеат и да шират љубов, спокој и радост меѓу луѓето.

–Сè се случи многу природно и спонтано. Како семејство, отсекогаш сме верувале дека најважните вредности не сеучат со зборови, туку со пример. Сакавме нашите деца да почувствуваат дека постои нешто подлабоко и потрајно, особено денес, кога под притисокот на брзото живеење и материјалното, суштината често останува во втор план.

 

Сè започнува во 2016 година, кога ќе го повикаат Ангел да го изработи логото за „Бадникови поворки“, кој како графички дизајнер, набрзо се вклучува во креирањето на целиот визуелен идентитет и на сликовниците за деца.

–Работејќи на тие материјали, сфатив дека тоа не е обичен проект. Тоа не беше само дизајн, туку повик да дадам дел од себе за нешто многу повозвишено“, се сеќава Ангел.

Од тој момент, без големи планови, Мицевски од учесници стануваат волонтери, а потоа и дел од организацијата, со истата љубов со која сè започнува.

Оваа година, нивната ќерка Сара (10), учествува во божиќниот серијал на „Бадникови поворки“, кој се снимаше со актерот Владо Дојчиноски.


„Приказната за ѕвездата е приказна за еволуција“

Марија и Ангел раскажуваат дека порано здружението организирало масовни работилници, кадешто со децата рачно склопувале илјадници хартиени 3Д-ѕвезди. Иако процесот бил убав, тој барал огромен ресурс, време, простор и волонтери секоја година одново, па сфатиле дека тоа е неодржливо. Затоа оваа година, божиќната ѕвезда доби иновативно решение, кое е дело на Ангел, кој повеќе години работи на развој на трајна божиќна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.

 

– Сакавме нешто што ќе остане. Инспирирани од практичноста на склопенитните ѕвезди на пазарот, создадовме наше, автентично решение. Најважната разлика е во симболиката – нашата ѕвезда е осумкрака, како вистинската Витлеемска ѕвезда. Така, од предмет за еднократна употреба, создадовме траен симбол што семејствата можат да го користат со години, вели Ангел.

Ангажманот околу организацијата „Бадникови поворки“ е воедно и еден од начините Мицевски да им ја пренесат на своите деца љубовта кон традицијата, народните верувања и верата.

–децата од мали ги учиме дека празниците не се само датум, туку дека имаат подлабока смисла. За нас е важно да знаат зошто се пее, зошто се оди под Домовите за Бадник, зошто се пее „Вечниот Бог“, што симболизира ѕвездата и сл. Веруваме дека тоа што им го пренесуваме има трајна вредност и ќе им биде нивна ѕвезда водилка низ животот.  Сакаме да растат со чувство дека постојат вредности што не се менуваат со времето, како што се љубовта, добрината, емпатијата, благодарноста и дека токму празниците се момент кога тие вредности најгласно се чувствуваат.

 

Манифестацијата „Бадникови поворки“, преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите. Семејството Мицевски е, секако, еден пример за тоа колку младите семејства се подготвени да ги воспитуваат своите потомци во духот на безвремените вредности, „бадниковата ѕвезда“ да ги замени телефоните во нивите раце барем на еден ден, да можат помудро да излегуваат на крај со предизвиците што доаѓаат од современиот свет и, секојдневно се соочуваат со истиот предизвик и чувство на немоќ.

–Веруваме дека младите семејства навистина сакаат да ги воспитуваат своите деца во духот на трајните вредности, но тоа не е секогаш лесно. Живееме во време кога телефоните се насекаде и понекогаш имаме чувство дека ни ги „крадат“ децата од раце. Нашите деца имаат 10 и 12 години – возраст која е особено чувствителна и секојдневно се соочуваме со тие предизвици и со чувството на немоќ, вели Марија, додавајќи:

Но, верувам дека решението не е во забрани, туку во понуда на нешто посмислено. „Бадниковите поворки“ го прават токму тоа. Барем за еден ден, им нудат на децата ѕвезда наместо телефон, заедништво наместо екран и чувство дека припаѓаат на нешто подлабоко и поважно. Кога дете ќе тргне со бадниковата ѕвезда покрај родител, баба или дедо, тогаш знаете дека вредностите не се изгубени, само чекаат простор да бидат живеени.

 

Затоа, таа силно верува дека младите семејства се подготвени, можеби несигурни, можеби уморни, но со искрена желба да им дадат на децата нешто повеќе. И токму во ваквите моменти, како „Бадниковите поворки“, може да се види дека има надеж и дека таа веќе се случува.

За семејството Мицевски, кое е и дел од организаторите на „Бадниковите поворки“, 6 јануари, денот на најавата на Христовото раѓање, ќе почне многу рано, а 7 јануари, традиционално ќе го дочекаат во Бигорскиот манастир, на сеноќното бдеење.

 

– Како дел од организаторите на „Бадниковите поворки“, уште рано наутро се собираме во помали групи, секој во својата општина, и заедно со дечињата одиме низ домовите, пеејќи ги божиќните каланди и навестувајќи го Христовото раѓање. Потоа се упатуваме кон Музејот на Град Скопје, како наша појдовна точка, каде што веќе ги пречекуваме дечињата, делиме ѕвездички и мали подароци. Кога започнува поворката, со првата строфа од „Вечниот Бог“, чувствата веќе се мешаат.

Гледате толкав број дечиња, насмеани, со ѕвезди во рацете, среќни што се тука. Во еден глас се пее „Вечниот Бог“ и се создава вистинска бура од емоции. Сето она за што напорно и со љубов сме работеле изминатите месеци, сега го гледаме пред нашите очи. Вечно сме му благодарни на Бога за тие моменти. Токму тие спомени ни остануваат како светла точка и поттик низ целата година, со надеж и сила следната бадникова радост да биде уште помасовна и уште поубава, раскажува Марија.

Божиќната пештера, тивко прибежиште на плоштадот среде градскиот метеж

Поворката се движи кон плоштадот „Македонија“, каде што сите ќе имаат можност да се поклонат пред божиќната пештера, чие идејно дизајнерско решение е на Ангел, а ја изработи вајарот Зоран Тошевски, во соработка со неговата сопруга Македонка и тимот волонтеери, и, како што нагласуваат од здружението „Бадникови поворки“, веќе втора година по ред го привлекува вниманието на јавноста и на медиумите, издвојувајќи се како едно од највпечатливите божиќни решенија, задржувајќи ја автентичната порака на Рождеството Христово.

–„Оваа пештера за мене има длабоко и посебно значење. Бев посветен на идејното решение и на дизајнот, со желба да создадеме простор кој по својот дух и израз е во склад со ваквите божиќни поставки што ги среќаваме во сите големи светски метрополи. Физичката изработка, како вистинско уметничко мајсторство, ја реализираше вајарот Зоран Тошевски. Нашата намера беше, среде градскиот метеж, да се роди место што не е само визуелен елемент, туку тивко прибежиште. Простор на мир, созерцание и внатрешна радост. Кога ќе ги видам луѓето како застануваат, се задржуваат во тишина и споделуваат миг на спокој, знам дека дизајнот ја остварил својата суштинска мисија – да ги допре срцата и да ги поврзе луѓето“ – вели Ангел.

 

Празнувањето на Плоштадот годинава продолжува со голема музичко-сценска изведба во живо, во која учествуваат повеќе од 40 музичари, пејачи и актери, заедно со децата од „Златно славејче“. Тоа е кулминација исполнета с орадост, звук и светлина, момент кога празникот се чувствува со целото срце.

Со поздравот „Христос се роди“, ќе посакаме повеќе љубов меѓу луѓето

Како што раскажува Марија, по завршувањето на поворката, семејството Мицевски традиционално се упатува кон Бигорскиот манастир, кадешто секоја година присуствуваат на сеноноќното бдение. –Во таа молитвена и празнична атмосфера, Божиќ го доживуваме во својата полност, со благодарност, смирение и внатрешен мир.

Со доаѓањето на 7 јануари и со поздравот „Христос се роди“, посакуваме да има повеќе љубов меѓу луѓето. На човекот: да не се плаши да биде благ, да застане, да погледне околу себе и да го види ближниот. На семејството: да останеме столб на сигурност, разбирање и сплотеност, каде што љубовта секогаш го има последниот збор. А,себеси… да бидеме благодарни, трпеливи и присутни, да ги препознаваме малите чуда и да ги чуваме вредностите што нè поврзуваат.

 „Бадникови поворки“  – манифестација што го обединува народот и ги поврзува генерациите

 

Во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и на младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму „Бадниковите поворки“ сведочат за спротивното, со радост најавуваат од здружението „Бадникови поворки“. Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и САД, од Здружението потврдуваат дека годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, „Бадниковите поворки“ уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.

фото:Бадникови поворки

Во рамки на годишната програма, возобновени се и две древни каланди – божиќната „Сношти се роди Христос“ и новогодишната „Сирова година, весела година“, која ќе биде објавена во пресрет на Василица. Овие песни, дел од богатото традиционално наследство, добиваат траен музички запис и стануваат дел од културната меморија за идните генерации. Едната од нив добива и видеозапис во режија на Дејан Пројкоски, во соработка со Стојан Стојановски. А „Златните славејчиња“ подготвуваат нов музички запис за песната „Вечниот Бог“, овојпат како самостојна изведба, со цел да послужи како едукативна алатка за сите образовните центри, здруженија и организации кои работат со деца и ја пренесуваат божиќната традиција на идните генерации.

Под уметничко раководство на актерот и режисер Владо Дојчиноски, е реализиран и божиќен серијал од четири кратки приказни, наменети за најмладите, кои преку традиционалните медиуми и дигиталните платформи ќе ја пренесуваат пораката за значењето на Рождеството Христово.

Граѓаните нека се подготват за флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.

– Круна на целокупната програма ќе биде големата бадниковаманифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворка што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божиќната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божиќната авантура – голема музичко-сценскаизведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи. По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна, вели Марија Саздева, координатор на здружението „Бадникови поворки“.

ИЗДВОЕНИ