Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ е подготвено за манифестацијата што верниците нестрпливо ја очекуваат. Иницијативата за оваа традиционална дружба, која потекнува од нив, доби јасни, неповторливи контури, на нивно огромно задоволство.  Скопјани одамна покажаа што мислат за бадникарите и за нивните следбеници. Манифестацијата, вообичаено, ќе почне со подигање на бадниковото знаме. Годинава честа да го подигне знамето ќе ја има младиот бадникар Оли Велков, а бадниковата химна ќе ја испее „Силви бенд“. Обраќање на бината ќе има новиот кум бадникар, Зоран Кондратенко, здравичарот Јаков Дренковски ќе ја каже здравицата, а ќе се обратат и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, градоначалниците на Општина Центар и на Општина Сопиште, Горан Герасимовски и Јане Мицевски. Потоа ќе се изврши примопредавање на ќупот од стариот на новиот кум. Потоа ќе биде испратен новиот кум, Зоран Кондратенко, до пајтонот, со кој ќе си замине дома. А, вечерта, кога ќе се приберат дома, сите се собираат околу посната трпеза, кршејќи го лепчето во кое има паричка. Се верува дека оној кај кого ќе се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година

И годинава Скопје и скопјани ќе ја почитуваат традицијата установена во 1993 година. Предвесникот на големиот христијански празник Божик – Бадник, достоинствено и онака како што прилега, ќе биде одбележан со голема прослава на платото пред Соборниот храм.

Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ е подготвено за манифестацијата што верниците нестрпливо ја очекуваат. Иницијативата за оваа традиционална дружба, која потекнува од нив, доби јасни, неповторливи контури, на нивно огромно задоволство. Скопјани одамна покажаа што мислат за бадникарите и за нивните следбеници, но сè би било залудно ако ги нема и младите, полни со елан и идеи, кои непоколебливо стојат на чело и полека ја преземаат носечката улога од ветераните, на нивно огромно задоволство.

Не би била манифестацијата она што е доколку не ја предводат кумот и здравичарот, кои и годинава беа навремено претставени од бадникарите и кои, како што рекоа самите, со гордост и задоволство прифатиле.

Годинава кум бадникар е истакнатиот македонски претприемач и експерт во областа на енергетиката, Зоран Кондратенко. Тој по професија е машински инженер, со повеќе од три децении професионално искуство во развојот на енергетската инфраструктура во Македонија и во регионот. Тој е стар скопјанец, роден во познатото Пајко Маало во центарот на градот.

– Да се биде избран за кум бадникар, за мене и за моето семејство, е огромна чест. Се надевам дека ќе ја оправдам укажаната доверба и  дека ќе ги исполнам сите очекувања и на Одборот и на сите присутни, вршејќи ја оваа функција кум за Бадник во 2026 година – нагласи Кондратенко.

Здравичар, пак, е истакнатиот музичар и кантавтор, Јаков Дренковски, кој во својата 47-годишна музичка кариера има одржано низа концерти како низ Македонија така и низ повеќе европски градови: Палма де Мајорка, Опатија, Ташкент, Софија, а од 1993 до 2000 година – низ Франција. И тој е роден центарец. Има живеено во населбата Пролет, во Ново Маало, а денес живее во Кисела Вода. Татко е на две ќерки и дедо на тројца внуци. Тој рече дека кога му се јавиле за да му понудат да биде здравичар, бил многу среќен, бидејќи на средбите дома, блиските и пријателите често пати го терале да ја крене чашата и да ги поздрави.

– Овој пат ми е дадена можност да ги поздравам граѓаните.   Искажувам голема благодарност до „Одборот за традиционална прослава на Бадник“ и се надевам дека ќе ја исполнам очекуваната улога на 6 јануари – истакна Дренковски.

Она што е интересно за него е тоа што тој започнува една убава  традиција. На 5 јануари практикува зимско капење во реката Треска  кај Матка. Тој ги покани бадникарите да бидат дел од неговата 35- годишна традиција.

На тоа го поттикнале луѓето што ги видел како влегуваат во вода во зима, при едно враќање од Русија.

Традицијата, како што вели, ја започнал сам во 1990 година, на празникот Свети Наум Чудотворец, а потоа постепено му се приклучувале сè повеќе негови пријатели.

– Овој ритуал датира од времето кога јас и мојот пријател Љубомир Грбовски отидовме кај мене на Матка и решив да влезам, да се искапам во реката Треска. Во тој момент, тој не веруваше дека ќе направам такво нешто, но јас го сторив тоа и така започна – раскажува Дренковски.

Од година на година, овој чин е следен од сè поголем број луѓе, кои доаѓаат на Матка, а некои влегуваат во реката заедно со музичарот, придружувајќи му се. Потем, со песна и оро ја продолжуваат веселбата, потврдувајќи дека барем за миг може да се разделат од секојдневието, од сето она што разединува и нè насочува едни против други на ова мало парче земја на Балканот.

– Очекувам годинава да има трицифрен број, да има 100 посетители. Годинава ќе ми се приклучат и бадникарите – вели Дренковски.

Бадникарите на 21 декември 2025 година, во месноста Краста на јужните падини на Водно, ги набраа бадниковите гранчиња, кои ќе бидат осветени од свештениците пред традиционалната манифестација на 6 јануари, на платото пред црквата „Свети Климент Охридски“, а потоа поделени на присутните верници.

Манифестацијата, вообичаено, ќе почне со подигање на бадниковото знаме. Годинава честа да го подигне знамето ќе ја има младиот бадникар Оли Велков, а бадниковата химна ќе ја испее „Силви бенд“.

Потоа ќе следува заеднички пречек на кумот и на здравичарот пред влезот на Соборниот храм. Тие ќе имаат кратка средба со архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, ќе биде осветена погачата на кумот, по што кумот бадникар ќе има обраќање на бината, здравичарот ќе ја каже здравицата, ќе се обрати и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, а и градоначалниците на Општина Центар и на Општина Сопиште, Горан Герасимовски и Јане Мицевски, по што ќе се изврши примопредавање на ќупот од стариот на новиот кум. Потоа ќе биде испратен новиот кум до пајтонот, со кој потоа ќе си замине дома.

А, вечерта, кога ќе се приберат дома, сите ќе се соберат околу посната трпеза, кршејќи го лепчето во кое има паричка. Се верува дека оној кај кого ќе се падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година.

Лани кум за Бадник беше Радомир Макеларски, стар скопјанец, економист по професија, кој ја завршува кариерата во семејната фирма на својот брат – „Макпримат“, а здравичар беше Атанас Петров, дипломиран архитект и сопственик на фирмата „Торус инженеринг“.

Скопското прославување на Бадник започна во јануари 1993 година, од тројца повозрасни скопјани: Александар Пановски-Мац, Борче Петрушевски- Скијачот и Кире Пановски-Тип. Поттикнати од случај кога не можела една старица да си купи бадниково гранче, тие самоиницијативно, таа година, од Водно набраа бадникови гранчиња и наздравувајќи со чашка топла ракија, бесплатно ги поделија на влезот од пазарчето Буњаковец. Следната година беше формиран Одборот за традиционална прослава на Бадник, а во 1994 година се установи практиката на оваа манифестација да има кум бадникар. Меѓу кумовите на оваа манифестација беа многу познати бизнисмени и личности од јавниот живот нa Скопје.

 Анела ПЕТРОВА

ИЗДВОЕНИ