Граѓаните посочуваат дека наместо постојано да гледаат политика и вознемирувачки вести на телевизија, со задоволство би отишле на претстава или на концерт. Велат, иако и 500 денари за билет се оптоварување за семејниот буџет, имаат навика за посета на театар или на кој било друг културен настан, но со сегашните нови цени, додаваат, културата станала недостижно задоволство за многумина. Многумина, пак, откриваат дека се снаоѓаат како што знаат и умеат, па ги користат билетите што претходно ги купиле студентите или пензионерите по пониска цена за 50 проценти, што, пак, од друга страна, предизвикува револт кај културните институции, според кои не треба да се дозволи ваква злоупотреба
Бројните реакции поради поскапувањето на билетите за културните настани во изминатиот период не стивнуваат. Забелешките се однесуваат најмногу на неможноста да се проследи претстава или концерт семејно, поради нискиот стандард, бидејќи тешко се издвојуваат 1.000 денари, па и повеќе за претстава или за концерт за еден, а уште помалку за двајца или тројца во семејството. Граѓаните посочуваат дека наместо постојано да гледаат политика и вознемирувачки вести на телевизија, со задоволство би отишле на претстава во театар или во Македонската опера и балет, а и концертите во Филхармонијата, додаваат, се атракција што секогаш вреди да се проследи. Велат, иако и 500 денари за билет се оптоварување за семејниот буџет, имаат навика за посета на театар или на кој било друг културен настан, но дека со сегашните нови цени, додаваат, културата станала недостижно задоволство за многумина. Многумина, пак, откриваат дека се снаоѓаат како што знаат и умеат, па ги користат билетите што претходно ги купиле студентите или пензионерите по пониска цена за 50 проценти, што, пак, од друга страна, предизвикува револт кај културните институции, според кои не треба да се дозволи ваква злоупотреба.
– Би било добро како што има поевтини билети за пензионерите и за студентите, да има поволности и за редовните посетители или барем да се продаваат годишни, полугодишни или месечни билети, кои би биле поевтини и подостапни за сите. Во случајов, со цена од над 1.000 денари за билет, културата станува достапна само за одредена група луѓе со повисок стандард, а невозможна за обичниот граѓанин или, пак, наместо да одиме еднаш неделно, сега ќе можеме само да слушаме како си поминале тие што биле на претстава – вели еден од редовните посетители на театарски претстави.
Во изминатиов период поскапеа билетите во Драмски, Филхармонијата, во Националната опера и балет… но како што велат оттаму, се работи за цена за одредени настани, а поскапувањето е економски оправдано со оглед на сегашните трошоци што ги имаат за овие претстави, со оглед на бројот на актери на сцената и ексклузивноста на гостите. Исто така, посочуваат и дека секоја културна институција има поволности за пензионерите и за студентите, кои се со понизок стандард, па тие ги добиваат билетите по пониска цена за 50 проценти.
– Во Драмски, само последните две претстави се со цена од 1.000 денари „Болва в уво“ и „Куршуми над Бродвеј“, кои се особено атрактивни за публиката и кои се со голем број актери на сцената, со побогата сценографија и костимографија, поголем број ангажирани луѓе зад сцената… Сите други претстави се со цена од 500 денари, а така ќе биде и со следните. Освен за овие две претстави, за кои нема попуст за пензионерите и за студентите, за сите други за оваа група граѓани билетите се со пониска цена. Годишни и полугодишни блок-билети, кои би биле поевтини, не можеме да продаваме, бидејќи може да се смени програмата, а претставите да се одложат поради болест или какво било друго отсуство на актер или поради гостувањата што ги имаме, па затоа репертоарот најчесто е познат само за следниот месец – велат од Драмски.

Во Македонската опера и балет, пак, велат дека имаат блок-билети, кои се со пониска цена, за „Мајските оперски вечери“, но дека веќе се размислува и за полугодишни билети од март до септември, кога и ќе се знае програмата.
И во Македонската филхармонија билетите се поскапи, и тоа најчесто над 1.000 денари, но, како што објаснуваат оттаму, постои добра причина за тоа. Иако културните институции се финансирани од државниот буџет, од кој се исплаќаат програмите, вработувањата и одржувањето на објектите, велат дека не се доволни тие средства.
– Генерално, имаме покачување затоа што парите што ги добиваме од Министерството за култура не се доволни за програмата и за хонорарите што ги бараат солистите и диригентите од странство, а кои се зголемени. Даваме пари и за партитури и за авторски права, за хорот, за одржување на салата… и буквално со поранешната цена на билетите не ги покриваме трошоците што ги имаме и сме во минус. Од друга страна, цените на билетите се пониски од цените за концертите на филхармонијата од соседните земји – велат од Филхармонијата, каде што имаат годишни и полугодишни билети, како и поевтини билети за лицата со посебни потреби.
Од Министерството за култура и туризам, пак, посочуваат дека се запознаени со фактот дека во изминатиот период дел од националните институции како Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Драмски театар и други установи од национално значење имаат извршено минимална корекција на цените на билетите за одредени настани.
– Важно е да се нагласи дека Министерството не влијае и не одлучува директно за износот на цените на билетите. Согласно со законските надлежности, секоја институција самостојно ја утврдува цената на билетите, врз основа на реалните трошоци и карактерот на конкретната програмска содржина – велат од Министерството за култура. (Д. Т.)












