Баба од Данска објавила фотографии од раѓањето на внукот на „Фејсбук“ – сега се соочува со условна затворска казна, по пријава од ќерката

0
Фото:пекселс

Баба од Данска е осудена на условна затворска казна затоа што објавила фотографии од раѓањето на нејзиниот внук на „Фејсбук„ без согласност на нејзината ќерка, која ја пријавила во полиција. Контроверзните фотографии, на кои се гледа не само новороденчето, туку и мајката за време на породувањето, биле објавени години по настанот, кога момчето веќе било ученик, објави „Дејли мејл“.

Мајката била шокирана кога видела интимни фотографии од породилната сала на социјалните мрежи со натпис „Моето прво внуче“. Според извештајот на данскиот телевизиски канал ТВ 2, тогаш 50-годишната баба била присутна на породувањето и го снимала и фотографирала целиот настан. Таа објавила четири фотографии, на кои се гледа стомакот на нејзината ќерка за време на породувањето и бебето веднаш по раѓањето, без нејзина согласност.

Шокираната мајка веднаш побарала фотографиите да бидат отстранети, што бабата го направила на почетокот. Сепак, конфликтот ескалираше кога бабата дозна дека против неа ќе биде покрената кривична постапка за жалбата – потоа повторно ги објавила истите фотографии на „Фејсбук„ во знак на пркос.

Случајот стигна до Окружниот суд во Оденсе, каде што бабата, иако не се појави на рочиштето, беше осудена на условна казна од 14 дена затвор. Ова значи дека нема да оди во затвор освен ако не го повтори делото. Покрај тоа, ѝ беше наредено да ѝ плати на сопствената ќерка 10.000 дански круни (околу 1.200 евра) како надомест за предизвиканите непријатности.

Овој случај потсетува на слична пресуда од 2020 година во Холандија, кога на една баба исто така ѝ беше наредено да отстрани фотографии од своите внуци од Фејсбук кои беа објавени без дозвола на родителите. Потоа судот пресуди дека случајот спаѓа под Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR).

Иако GDPR во принцип не се однесува на обработка на податоци за „чисто лични“ или „домашни“ цели, ова ослободување не важи кога фотографиите се објавуваат на социјалните медиуми. Како што објасни судот, таквото објавување ја прави содржината достапна за поширока публика, со што го губи карактерот на лична употреба и влегува во сферата на регулирање на законот за заштита на податоците.

ИЗДВОЕНИ