Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, смета дека гаранцијата што ја добива Македонија од Обединетото Кралство за кредитирање значи многу за општата стабилност на државата и за регионот, бидејќи Обединетото Кралство е значаен фактор во светот, и на политички и на економски план.
– И ваква една земја да гарантира за одредени средства за нашата држава значи дека застанува зад нас и тоа е значаен поттик за политичко средување на состојбите, а и за економската активност – вели Азески.
На економски план, како што додава, секоја инвестициска активност е добредојдена за нас, бидејќи без неа не може да се остварат двете начела на бизнисот: компаниите да остварат профит, а граѓаните да го зголемат животниот стандард, вели претседателот во ставот искажан за инвестициската клима.
Азески става акцент и на капацитетот на државата да ги искористи парите понудени согласно со гаранцијата, но и за капацитетот на домашните компании да се вклучат во инвестициските активности. Посочува дека Стопанската комора, во овој период, е целосно насочена кон тоа да им помогне на компаниите да ги оспособи непречено да се вклучат во таа работа и дека за секој нов проблем со кој ќе се соочуваат фирмите, ќе се вклучува Комората за изнаоѓање решение.
– На пример, за заедничкиот настап на компаниите за учество на меѓународните тендери, градиме конзорциуми и иницираме формирање конзорциуми, а кај образованието за потребите на бизнисот – работиме на формирање кадар онаков како што бараат компаниите. Работиме и на поддршка на компаниите за заеднички настап на трети пазари, за заеднички производи, на извозната активност – вели Азески.
Тој посочува дека железницата е рак-рана на македонската инфраструктура и дека ние се наоѓаме на коридор што има транзитна позиција и е значаен за поврзување на Централна Европа и Медитеранот со Блискиот Исток.
– Само ние уште имаме повисока цена на транспортот со камионски превоз од железничкиот – вели претседателот на Стопанската комора.