Во Скопје деновиве ќе гостува хрватската авторка Јасна Жмак, а како дел од тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, што е во организација на „Тиииит! Инк“.

Притоа, на 9 декември од 19:30 часот, во просторот „Netaville“ (ул. Никола Тесла бр. 9,) во Скопје ќе се одржи промоција на книгата на Жмак „Оние работи“. Уредничка на изданието е Грација Атанасовска, а преводот од хрватски на македонски јазик е на Мања Величковска и Фросина Крушкаровска.

„Оние работи“ претставува збирка есеи во кои Жмак се занимава со теми за кои општеството често молчи: женското тело, сексуалноста и интимноста, но и прашања поврзани со родовиот идентитет, сексуалната ориентација, менструацијата, мастурбацијата, невиноста, сексот, телесните норми и гинекологијата. Наместо да ги третира овие теми како скандалозни или провокативни, авторката им пристапува отворено и истражувачки, комбинирајќи лични искуства со современа сексолошка литература, вградувајќи во текстот препознатлив феминистички светоглед. Книгата ќе биде претставена од писателката Румена Бужаровска, по што ќе следи разговор со авторката.

На 10 декември, пак, со почеток во 20 часот, на Факултетот за драмски уметности – Скопје, хрватската писателка и драматургина Жмак ќе го изведе својот авторски перформанс „Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата“ (this is my truth, tell me yours). Перформансот претставува личен и искрен авторски проект во кој Жмак го преиспитува својот однос кон уметничкото поле, отворајќи прашања за авторските позиции, нивната одговорност, како и за анксиозностите што ги носи творечкиот процес. Жмак, која за првпат се појавува на сцена како изведувачка, нѐ води низ своите драматуршки и сексуални искуства, поставувајќи прашања за вистинитоста, репрезентацијата, партиципативноста и смислата на уметничкото творење во капиталистичкиот контекст. Перформансот ја освои највисоката Гран при награда „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ во Белград.

Настанот се одржува со поддршка на Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска и Equality Fund. Сите средства собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за иницијативата „Support Kočani“.

Јасна Жмак е писателка и универзитетска професорка од Загреб. Предава на Академијата за драмска уметност, таа е авторка е на повеќе значајни изданија. Се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација. Опсегот на тие теми, од проза до театар, од документарно-автобиграфски перформанси до психодрамска терапија, придонесуваат Жмак да е исклучително влијателна во сферата на современата уметност и критичкото мислење.

ИЗДВОЕНИ