Автопортретот на Фрида Кало е продаден за 54,7 милиони долари со што и официјално стана најскапото дело од уметница продадено на аукција

0
Фото:принтскрин, инстаграм

Автопортретот на мексиканската сликарка Фрида Кало е продаден за 54,7 милиони долари, што го прави најскапото дело на уметницата некогаш продадено на аукција, објавува „Си-ен-ен“.

Сликата „Ел суењо (Ла кама)“ достигна рекордна цена на аукцијата на „Сотби“ во Њујорк, надминувајќи го претходниот рекорд што го држеше американската уметница Џорџија О’Киф со нејзиното дело „Џимсон Вид/Бел цвет бр.1“, кое беше продадено за 44,4 милиони долари во 2014 година.

Надреалистичкото дело на Кало, проценето на цена помеѓу 40 и 60 милиони долари, беше понудено на продажба од приватен колекционер. Уште еден од нејзините автопортрети, „Јас и Диего “, продаден во 2021 година, исто така во „Сотбис“, претходно беше второ најскапо дело од жена уметник и најскапо дело од латиноамериканската уметност, но новата продажба го турна на второ место меѓу латиноамериканските дела и на трето место меѓу делата од жена уметник.

Сликата, која не е прикажана јавно речиси 30 години, претходно беше прикажана во Лондон, Абу Даби, Хонг Конг, Париз и Њујорк, пренесе „Танјуг“.

На неа е прикажана Кало како лежи на кревет што лебди на бледо сина позадина, со зелени лози што се обвиткуваат околу нејзиното тело и скелет што виси над неа, држејќи букет сушени цвеќиња.

Мотивот на креветот е вообичаен мотив во делата на Кало, бидејќи таа го поминала поголемиот дел од својот живот во кревет поради хронична болка по тешка сообраќајна несреќа и бројни операции. За време на нејзиното закрепнување, нејзиното семејство поставило штафелај и огледало над нејзиниот кревет за да може да слика додека лежи.

Делото е создадено во 1940 година, кога Кало се премажила за Диего Ривера. Сликата била продадена како дел од приватната колекција „Извонреден труп“, која вклучувала повеќе од 80 надреалистички дела, вклучувајќи и дела од Рене Магрит и Салвадор Дали.

ИЗДВОЕНИ