Со новиот анекс на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач „Синохидро“, се обезбедуваат дополнителни средства за стабилизација на свлечиштата, за изградба на галерии и на паралелни патишта, како и за контролен центар за тунелите. Владата тврди дека се неопходни измените за квалитетно довршување на проектот и за добивање употребна дозвола. Надзорот оценува дека новиот рок е технички оправдан, но условен со навременото финансирање и со добрата организација. Автопатот, кој се гради од 2014 година, досега беше проследен со повеќе анекси, зголемени трошоци и со неколку пролонгирања на роковите

Повторно е пролонгиран рокот за завршување на автопатот Кичево – Охрид, а причините се дополнителни и непредвидени градежни работи, изменета проектна документација и потреба од нов рок за добивање употребна дозвола. Со анексот бр. 8 на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач „Синохидро“, крајниот рок се поместува на 31 мај 2027 година, што значи продолжување од дополнителни 151 ден.
Анексот предвидува и нови 186 милиони евра за довршување на проектот, со што вкупната вредност дополнително ќе се зголеми. Средствата се наменети за стабилизација на свлечиштата преку изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европските стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта за поврзување на населените места покрај трасата, како и за контролен центар за тунелите, вклучително и тунелот Пресека.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, образложи дека една од клучните причини за новиот анекс е тоа што во првичниот проект од 2013 и 2014 година не биле направени соодветни геотехнички истражувања, поради што сега се јавиле дополнителни потреби за заштита и стабилизација на теренот. Втора причина е рокот за обезбедување употребна дозвола, а трета е договорот со изведувачот да се откаже од сите досегашни и потенцијални побарувања до крајот на 2026 година.
Според нацрт-анексот, рокот за завршување на работите се продолжува од 4.627 на 4.778 дена, во согласност со правилата на ФИДИК, поради значителни измени во обемот и количината на работите. Надзорот оценува дека новиот рок е технички оправдан и реално остварлив, но под услов да се обезбедат добра организација и навремено финансирање.
Автопатот долг 57 километри се гради од 2014 година. Досега се пуштени околу 40 километри, и тоа делниците Врбјани – Ботун и Климештани – Охрид, додека другиот дел сè уште е во изградба. Заклучно со крајот на минатата година, реализирани се над 557 милиони евра, што претставува повеќе од 93 проценти од предвидените средства.

Во меѓувреме, Николоски најавува нов инвестициски циклус со изградба на експресни патишта од Кочани до бугарската граница, од Радовиш до Струмица, како и поврзување на Коридорот 10 со Коридорот Струма преку нова делница од Смоквица до границата со Бугарија.
За новиот експресен пат од Куманово до Страцин, Николоски рече дека веќе се спроведуваат заеднички постапки со Европската Унија, при што оваа делница ќе се надоврзе на веќе изградениот пат од Страцин до Крива Паланка, кој беше пуштен во употреба минатата година.
– Во соработка со ЕУ, треба да го изградиме делот од Куманово до Страцин. Новите експресни патишта ќе се разликуваат од досегашните. Со измените на Законот и на Правилникот, тие ќе бидат со конфигурација две плус две ленти со средишна еластична ограда, слично како автопатот Тетово – Гостивар. Наместо бетонска, ќе се постави класична еластична ограда. Веќе има такво решение на делницата Дреново – Фариш – изјави Николоски.
Тој додаде дека Владата веќе ги усвоила основните документи за експресниот пат од Кочани до границата со Бугарија, а како клучни проекти го посочи и експресниот пат од Радовиш до Струмица, како и новата врска од Смоквица преку Струмица до бугарската граница, со поврзување кон Петрич.
Во однос на автопатските делници на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д, Николоски истакна дека тие се реализираат со предвидената динамика и дека, со соодветно планирање и менаџирање, ќе бидат завршени во зададените рокови.
Додека Владата уверува дека ќе се реализираат идните проекти со подобро планирање и менаџирање, автопатот Кичево – Охрид останува пример за инфраструктурен проект чија реализација се одвива повеќе од една деценија, со повеќекратни анекси, дополнителни трошоци и со пролонгирани рокови.

По легализацијата, почнува и реконструкцијата на охридскиот аеродром
Следната недела ќе започне реконструкција на Меѓународниот аеродром „Свети Апостол Павле“ во Охрид, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, посочувајќи дека станува збор за прва реконструкција од ваков тип по неговата изградба. Според него, претходно бил спроведен сложен процес на легализација на објектот.
– До скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас, но на хартија го немаше. Успеавме да го легализираме, што е сериозен пропуст за државата кога станува збор за еден од двата меѓународни аеродроми. Тоа беше тежок процес, бидејќи требаше да се впише целата инфраструктура – изјави Николоски.
Тој очекува реконструкцијата да донесе зголемување на бројот на летови и на патници, со фокус туристичкиот сообраќај повеќе да се насочи кон Охрид, додека деловните патувања да гравитираат кон Скопје.
Сепак, иако се најавува оваа интервенција како прва од ваков вид по изградбата, охридскиот аеродром веќе има значајна реконструкција зад себе. Во периодот 2010–2011 година беа обновени пистата, осветлувањето и други технички системи, во рамките на инвестицискиот циклус по преземањето од страна на концесионерот „ТАВ Македонија“. Тогаш беше модернизирана пистата во должина од 2.550 метри, беше поставено ново светлосно обележување и беше унапредена опремата со цел исполнување на меѓународните воздухопловни стандарди. Реконструкцијата беше завршена пред туристичката сезона во 2011 година.
Покрај инфраструктурните зафати, министерот најави и активности за проширување на авиомрежата. Во тек е подготовка на договор во областа на авиосообраќајот со Саудиска Арабија, со очекување наскоро да биде воспоставена директна авионска линија меѓу двете земји.
– Веќе го поминавме протоколот, очекувам во наредниот месец да го потпишеме договорот и да имаме директен лет од еден од аеродромите во Саудиска Арабија до Скопје – рече Николоски.
Според него, во изминатата година и пол, од домашните аеродроми биле воведени 23 нови дестинации, што, како што оцени, укажува на засилен развој на авиосообраќајот. Новата реконструкција во Охрид, доколку се реализира според најавите, треба дополнително да ја зацврсти позицијата на аеродромот како клучна точка за туристичкиот сообраќај во земјава.
(С. Бл.)












