Бугарија ќе гради автопат до граничниот премин Ѓуешево – Деве Баир, а Македонија ќе го продолжи експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, со што сериозно ќе се скрати времето на патување од Скопје до Софија. Ова го најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, на панел-дискусијата во рамките на конференцијата „Е 75 – основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“, најавувајќи ја, меѓу другото, изградбата на обиколницата на Крива Паланка.

– Почнавме со градежните работи на обиколниот пат на Крива Паланка, а работиме и на реконструкција на граничниот премин Деве Баир. Се надевам дека оваа активност што ја имаме кон соседна Бугарија, ќе биде следена од слична активност од нејзина страна – истакна Николоски.

Експресниот пат од Страцин до Крива Паланка е пуштен во функција, но Николоски истакна дека во моментов се работи на решение за делот од Романовце, кој е излез од Куманово до Страцин.

– Тоа решение го работиме заедно со Европската Унија, во рамките на Планот за раст и се надевам дека ќе успееме заедно со ЕУ и со средствата што ги имаме во рамките на Планот за раст да го реализираме ова решение. Од Куманово до Скопје веќе имаме автопат, понатаму обиколницата на Скопје, која, за жал, не е во добра состојба. И таму планираме реконструкција во скоро време и на западниот дел од Коридорот 8 интензивно се работи на автопатско решение од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани или популарната Стража, каде што веќе се пробиени првите 17 километри – рече Николоски.

На западниот дел од Коридорот 8, се работи на спојката на двата автопата од Букојчани до Кичево, а за овој дел од автопатот се работи на еваулација на пристигнатите понуди од градежните компании.

– Овој проект ќе го работиме заедно со Европската банка за обнова и развој. Се надевам дека до јануари ќе избереме изведувач и, зависно од временските услови, март-април ќе биде воведен во работа изведувачот и останува делот што оди од Кичево до Охрид. Првите 37 километри се завршени, од кои 34 се во функција. Очекувам, во првата половина на декември да пуштиме нови километри од овој автопат – вели Николски.

За автопатот од Скопје до Блаце, кон Косово, Николоски рече дека се работи на избор на изведувач, и со тоа комплетно ќе биде завршен Коридорот 8, а во иднина ќе се работи на Коридорот 10-д, односно од Велес, преку Градско, Прилеп и Битола, до Лерин во Грција и надолу до Атина.

– Од грчка страна, има сериозни активности, а од наша се работи на најголемиот автопат што е изведен кога било во Македонија како една делница, а тоа е автопатот од Прилеп до Битола, кој е во должина од 40 километри. Сериозно работиме во делот од експресниот пат од Прилеп до Фариш – подвлече Николоски.

 

ИЗДВОЕНИ