Автомобилот на починатиот Ице од Кочани се најде на „Car Show 2025“ и ја освои првата награда

2398

Искрената желба да го донесе својот автомобил на првиот „CAR SHOW – Битола 2025“ не беше заборавена. Иако Ице Андонов од Кочани не можеше да биде физички присутен, бидејќи згасна неговиот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, неговите дух, желба и љубов на кон автомобилите беа посилни од времето и од просторот.

Таа негова желба стана реалност. Благодарение на неговото семејство и на многубројните другари, неговиот автомобил не само што беше дел од манифестацијата туку и ја освои првата награда на првиот „CAR SHOW – Битола 2025“.

Оваа победа не беше само за автомобилот – беше триумф на пријателството, љубовта и на посветеноста. Вечна слава на Ице Андонов – херојот чие срце и страст продолжуваат да живеат преку сите што го сакаа.

Големи честитки и до организаторите на настанот, кои со беспрекорна организација и со неколку искрени геста покажаа дека ништо не е невозможно кога се сака од срце.

ЈП „Паркинзи“ од Битола упатува благодарност и поддршка за ваквите иницијативи и посакува уште многу успешни манифестации во иднина.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им оддаде признание на организаторите на првиот „Car Show – Битола 2025“, кој викендов го претвори срцето на градот во сцена на моторната страст, стилот и на автомобилската уметност.

Учествуваа 160 возила од 29 града и 5 држави, што го направи настанот меѓународен и уникатен во регионот. Битола беше домаќин на љубителите на брзината, олдтајмерите, тјунинг мајсторите и на автомобилските клубови, обединувајќи ги генерациите и вкусовите околу заедничката пасија – автомобилите.

– Битола уште еднаш покажа дека има капацитет, публика и љубов за вакви настани. Честитки до Car Club Bitola што ја постави Битола на мапата на ваквиот вид автособири – изјави Коњановски.

Настанот се одржа под отворено небо, со богата програма и со атракции што привлекоа илјадници посетители и туристи. Според организаторите, ова е само почеток на една нова традиција во Битола.

 

 

ИЗДВОЕНИ