Деновиве по убавото есенско време, кога се искачи температурата и до летни плус 26, се одржа деветтото издание на славниот „Гастромак“, кој е еден од првите три најзначајни гастрономски настани на Балканскиот Полуостров. Настанот започна со пристигнувањето на етаблираните шефови од цел Балкан, а и пошироко од светот, кои заедно со македонските професионалци создадоа уште една незаборавна гастрономска атмосфера со автентични и многу вкусни јадења. Во текот на неколкуте дена, паралелно со промоцијата на македонската гастрономска традиција, се одржаа и едукативни предавања во Младинскиот центар на Општина Струмица, кои беа наменети за учениците од угостителските училишта од цела држава.
Годинашната програма вклучи предавања на врвни имиња од гастрономската сцена, како што се Стево Карапанџа, кој, сакале или не, беше најголема кулинарска ѕвезда на настанот.
Тука беа, исто така, и познатите имиња од овој златен занает: Изток Легат и Томаж Возељ од Словенија, Драгица Лукин, Жељко Невен Бремец и Доменико Маџи од Хрватска, Дон Давид од Русија, Алан Пајен од далечниот остров Маврициус, Ѓорѓе Костиќ од Србија, Хамид Хаџиќ од Босна и Херцеговина и Вук Митровиќ од Црна Гора. Темите што ги обработија беа внимателно избрани и опфатија широк спектар на знаења – од современи кулинарски техники, преку зачувување и модерна интерпретација на традицијата, до уметност на презентацијата, комуникација со гостите и угостителскиот менаџмент.

Дел од содржината беа и специјализираните презентации за македонската кујна од Никола Мишковски и Зоран Мајновски, за традиционалните десерти од Зоран Андонов, за гастрономското значење на Летница од Ивана Ѓоргиева и Мите Петров, како и анализа на новите угостителски трендови во Струмица од Кирил Иванов. Уметноста на поставување маса беше претставена преку предавање на Младен Мицевски. Кулминација на деветтото издание на „Гастромак“ беше гала-вечерата „Залче од светските вкусови“. На оваа вечер, секој од гастрошефовите подготви по едно автентично јадење од својата земја. Водителка на настанот беше популарната Ирена Спировска. Инаку, сè беше во одлична организација на талентираната жена со „Вкусот на традицијата“, нам добро познатата и успешната Адријана Алачки.
(Д. М.) фото: архива „Гастромак“












