Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека е изненаден од реакцијата на српскиот претседател Александар Вучиќ на прашањата од австриските новинари за време на неговата посета на Белград.
Австриски знамиња се вееја на секој јарбол пред портите на Палатата на Србија. Внатре, во прес-салата, српскиот претседател Александар Вучиќ и австрискиот канцелар Кристијан Штокер, како дел од неговата прва посета на Белград, го започнаа своето вообичаено дипломатско додворување, пишува Kleinzeitung.
Вучиќ го пофали својот гостин, велејќи дека Белград „секогаш добива помош од Виена на патот кон ЕУ“. Неговиот гостин учтиво му возврати на комплиментот: Србија е важен трговски партнер на Австрија и треба „да биде дел од ЕУ“. Сепак, додаде тој, патот кон ЕУ не може да биде еднонасочна улица – мора да се исполнат и условите во областа на владеењето на правото.
Сепак, првите прашања за повеќемесечните протести против корупцијата и застојот во напредокот на пристапот на Србија кон ЕУ го изненадија видливо иритираниот Вучиќ. „Јас не сум диктатор, како што секогаш ме претставувате“, им се обрати тој двапати остро на новинарите од делегацијата на неговиот гостин. Канцеларот Штокер подоцна призна дека емотивната реакција на Вучиќ го изненадила: „Му реков дека секој ден се соочувам со критични прашања. Тоа мора да се издржи. Тоа е слобода на медиумите“.
Појавувањето на Вучиќ на прес-конференцијата всушност уште еднаш покажа зошто тој станува сè попроблематичен партнер за ЕУ – без разлика дали е тоа поради недостатоци во владеењето на правото, замрзнатиот дијалог со Косово или одбивањето да се усогласи надворешната политика со ЕУ, вклучително и воведувањето санкции кон Русија. Четири години, Србија не успеа да отвори ниту едно ново поглавје или кластер во преговорите за членство, и се добива впечаток дека под водство на Вучиќ, членството во ЕУ останува далечна перспектива, наведува австрискиот весник.
Од ноември минатата година, кога 16 лица загинаа под урнатините на настрешницата на железничка станица во Нови Сад, бран протести против смртоносна корупција ја тресе земјата. На заедничката прес-конференција со Штокер, Вучиќ зборуваше долго за девет месеци „многу насилни протести“ на кои Србија „издржа на демократски начин“ и „без сериозна употреба на државна сила“.
Всушност, повеќе од 800 демонстранти, кои Вучиќ често ги нарекува „терористи“, се уапсени во изминатите девет месеци. Во исто време, претседателот помилува неколку тепачи од неговата СНС кои учествувале во тепањето на демонстрантите до тој степен што завршиле во болница или ги прегазиле со автомобили, заклучува „Клајнцајтунг“.