Возбудливо уметничко доживување приредија членовите на гудачкиот квинтет на Тиролскиот симфониски оркестар од Инсбрук, настапувајќи синоќа на Австриската вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката уживаше во извонредната изведба на виолинистите Сузан Мерт-Томази и Андреј Јаблоков, на виолистката Елеонора де Пои, виолончелистот Леонардо Сесена, како и на контрабасистот Драган Трајковски, кој е по потекло од Македонија и е водач на групата контрабаси на Тиролскиот симфониски оркестар  повеќе од 15 години.

– Настапот на „Охридско лето“ е голема чест за нас. Доаѓаме првпат на фестивалот и многу ни се допаѓа. Во Охрид владее прекрасна атмосфера, а местото каде што настапуваме е волшебно, рече виолинистката Сузан Мерт-Томази.

На репертоарот беа гудачки квинтети од композиторите Фридрих Гулда, Антонин Дворжак и Љупчо Трајковски Фис.

Отворајќи ја Австриската вечер, директорот на НУ„Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, рече дека висококвалитетната уметничка програма која ги носи австриските уметници се должи токму на огромната поддршка што ја има фестивалот.

– Како уметник, минат стипендист на Австриската влада, му се заблагодарувам на неговата екселенција, амбасадорот Мартин Памер, на Австриската амбасада, како и на Владата на Република Австрија за несебичната поддршка на македонската култура и уметност, како и на македонските уметници, рече Цуцковски.

ИЗДВОЕНИ