Ирската нискобуџетна авиокомпанија Рајанер денес објави дека ги отстранува од зимскиот распоред на летови оние до помалите аеродроми Билунд во Данска, Сантандер во Шпанија и Талин во Естонија од Виена и ја намалува фреквенцијата на другите летови, наведувајќи ги превисоките фиксни цени за услугите на аеродромот во австриската престолнина.
„АФП“ објави дека ова се должи на данокот од 12 евра по патник што го наметна Австрија и превисоките аеродромски даноци во Виена, кои се зголемија за 30 проценти од пандемијата на коронавирусот.
„Рајанер“ на 3 септември објави дека ќе го намали бројот на достапни седишта на летовите од Шпанија за претстојната зимска сезона, затворајќи ја својата база во Сантијаго де Компостела и целосно повлекувајќи се од Виго и Тенерифе Норте, пренесе „Бета“.
Авиокомпанијата, исто така, ќе го намали капацитетот на Сарагоса, Сантандер, Астурија, Виторија и аеродромите на Канарските Острови, наведувајќи оперативни прилагодувања, објави специјализираната веб-страница ftnnews.com.
Овој потег влијае на секундарните аеродроми низ Шпанија, а други превозници влегуваат за да покријат делови од пазарот. „Иберија експрес“, „Вуелинг“ и „Виз ер“ објавија дополнителен капацитет на некои рути, иако „Виз ер“ исто така потврди дека ќе ги намали услугите и дека четири рути до Шпанија ќе бидат прекинати.
„Виз ер“ објави дека постепено ќе ја затвора својата база во Виена, наведувајќи ги и зголемените трошоци и аеродромските даноци како главна причина и дека „трошоците и аеродромските даноци значително се зголемиле“, што ја прави базата „некомпатибилна со нискобуџетниот бизнис модел на авиокомпанијата“.
Веб-страницата „ftnnews.com“ наведува дека најавите на „Рајанер“ и „Виз Ер“ се дел од поширок тренд во европската авијација, каде што нискобуџетните авиокомпании ги консолидираат операциите и се повлекуваат од пазарите каде што профитабилноста е загрозена од трошоците за инфраструктура и конкуренцијата. Додека главните аеродроми остануваат добро опслужени, поврзаноста со помалите и регионалните аеродроми се намалува, што влијае и на туристите и на деловните патници.
Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ја повика австриската влада да го следи примерот на Шведска, Унгарија и Италија со укинување на данокот од 12 евра по патник, во спротивно „Рајанер“ ќе премести уште повеќе авиони на попрофитабилни пазари.
„Виз Ер“ и „Рајанер“ пристигнаа во Виена во 2018 година по банкротот на австриската авиокомпанија „Ники“, подружница на „Ер Берлин“.
Кон крајот на август, „Аустријан ерлајнс“ (AUA), подружница на „Луфтханза“, објави дека ќе ја прекине непрофитабилната линија Линц-Франкфурт оваа есен.
Австрија поминува низ тежок економски период, со инфлација над просекот на еврозоната, висок јавен дефицит и стагнација на бруто-домашниот производ (БДП).
„Рајанер“ и нејзината подружница „Лауда“ имаа пазарен удел од нешто помалку од 21 процент во Виена во 2024 година, во споредба со 6,4 проценти за „Виз ер“.
Нискобуџетните авиокомпании сочинуваат околу 30 проценти од патничкиот сообраќај на аеродромот во Виена. „Аустриан ерлајнс“ е водечка со 46 проценти.