Лековите за слабеење, за кои лекарите предупредуваат дека може да се ризични по здравјето, особено им се омилени на авиокомпаниите. Едноставно, во нив тие гледаат шанса да заработат пари, превезувајќи послаби патници. Со превоз на полесен товар, авиокомпаниите би можеле да ги намалат годишните трошоци за гориво за дури стотици милиони долари.
Финансиската фирма „Џефрис“ неодамна објави студија која покажа дека четирите најголеми американски авиокомпании: „Американ ерлајнс“, „Делта ерлајнс“, „Саутвест ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“, би можеле да заштедат дури 580 милиони долари годишно од трошоците за гориво поради распространетоста на лековите за слабеење како што е „оземпик“, познат како GLP-1, објави „Њујорк тајмс“.
Колку и да звучи изненадувачки, ова има смисла, со оглед на тоа колку авиокомпаниите се фокусирани на нивниот профит. Тие постојано се приспособуваат за да заштедат превозот.
– Има смисла, зашто тежината на нивните патници влијае и на нивните трошоци, рече аналитичар на акции во „Џефрис“.
Со оглед на тоа што еден од осум Американци користи GLP-1, разумно е да се заклучи дека авионите веќе не носат толку многу тежина. Аналитичарите во „Џефрис“ пресметале дека четирите најголеми превозници ќе искористат 16 милијарди галони гориво во 2026 година, што ќе чини 38,6 милијарди долари. Ова изнесува 20 проценти од нивните трошоци.
Иако заштедите од послабите патници би изнесувале само 1,5 проценти од трошоците за гориво, сепак се значајни. Студијата покажа дека намалувањето на тежината на авионот за само два процента може да ја зголеми заработката по акција за приближно четири проценти.
Како што наведува „Њујорк тајмс“, прилично вообичаена практика е капетаните и стјуардесите во мали авиони да се обидуваат подеднакво да ја балансираат тежината. Меѓународните авиокомпании како што се „Ер Њу Зеланд“, „Финер“ и „Кореан ер“ се соочија со критики за мерење на некои патници пред качувањето.
Иако авиокомпаниите може да трошат малку помалку за гориво во наредните години, тие би можеле да изгубат пари на друго место. Аналитичар на „Џефрис“ за „Њујорк тајмс“ изјави дека помалку гладни патници би можеле да купат помалку грицки. Ако падот на приходите од купувањето за време на летот ги надмине скромните заштеди на гориво, цените би можеле да се зголемат во други области.
Но, напорите на авиокомпаниите и на нивните акционери да заштедат за да остварат поголем профит, понекогаш се граничат со апсурд. На пример, во осумдесеттите години, „Американ ерлајнс“ извадија по една маслинка од салатата за вечера на секој патник. Овој потег ѝ заштеди на авиокомпанијата 40.000 долари годишно за трошоци за храна и гориво. Исто така, на повеќето домашни летови веќе нема целосни оброци на патниците од економска класа.












