Авиокомпаниите се подготвуваат да можат да летаат и во услови на нуклеарна војна

686

Според актуелните правила кои датираат од 50-тите  години на минатиот век, во случај на силна нуклеарна детонација, цивилните авиони низ светот би морале да се приземјат врз основа на претпоставката дека таквата експлозија ќе го означи почетокот на Третата светска војна. Но, тогаш не постоело денешното тактичкото нуклеарно оружје кое се разликува по големина и удар. Според планот што го смисли осигурителниот брокер „Галагер“, експертите за безбедност и управување со ризик ќе проценуваат каде би можеле да летаат авионите во случај на нуклеарна детонација. Група од 15 членови ќе се состанува на секои четири часа и ќе прави процена, а потоа ќе испраќа известувања до авиокомпаниите низ светот

 

Авиокомпаниите се подготвуваат во случај ако избувне нуклеарна војна. Прават планови авионите да можат да продолжат да летаат, но според посебни правила кои итно се подготвуваат поради потенцијалната ескалација на судирите во Украина и во Кашмир.

Според актуелните правила кои датираат од 50-тите  години на минатиот век, во случај на силна нуклеарна детонација, цивилните авиони низ светот би морале да се приземјат врз основа на претпоставката дека таквата експлозија ќе го означи почетокот на Третата светска војна, пишува британски „Телеграф“, пренесува „Блиц“.

Меѓутоа, бидејќи сега се смета дека е поголема веројатноста распоредувањето на нуклеарното оружје да вклучи таканаречени тактички боеви глави, кои се помали бомби што се користат на бојното поле, се развиваат планови да се овозможи продолжување на летовите во региони далеку од конфликтните зони. „Галагер“, најголемиот светски брокер за воздухопловно осигурување, почна да работи на шемата  уште во 2022 година, кога рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе распореди руско нуклеарно оружје против Украина. Новиот конфликт меѓу Индија и Пакистан за регионот Кашмир фрли посебно светло на неговите идеи, чии размери неодамна достигнаа ниво кое не е видено со децении. Најџел Вејман, постар партнер во „Галагер“, за британскиот весник вели дека руската агресија во Украина го оживеала интересот за осигурителни полиси поврзани со нуклеарно оружје.

-Во времето кога се составуваше формулацијата, се претпоставуваше дека секоја непријателска детонација значи дека сè ќе биде готово – армагедон. Но, она што тие го немаа во тоа време беше тактичкото нуклеарно оружје кое се разликува по големина и удар и кое, на крајот, е многу употребливо, објаснува тој.

Последната генерација на американската гравитациона бомба Б61, лансирана од воздух, носи нуклеарна боева глава со сила од само 0,3 килотони, на пример. За споредба, бомбата фрлена врз Хирошима во 1945 година имаше сила од 15 килотони, што е еквивалентно на експлозија од 15.000 тони ТНТ. И додека Велика Британија го повлече своето последно тактичко нуклеарно оружје во 1998 година, се верува дека Русија има речиси 2.000 парчиња. Во 2023 година, Северна Кореја го претстави она за што тврдеше дека е тактичко оружје, додека пакистанската ракета Наср може да носи и нуклеарна боева глава.

-Зошто авион на „Ер Њу Зеланд“, на пример, би бил приземјен во случај на нуклеарна експлозија во Европа, која би била прилично мала, иако тоа не би можело да се каже за луѓето во „епицентарот“ на детонацијата? Авиокомпаниите наоѓаат решенија за сите предизвици со кои се соочуваат, така што ракетите земја-воздух не можат да стигнат до нив. Облаците од вулканска пепел можат да стигнат до далечни места, но авионите сепак продолжуваат да летаат, нагласува Вејман и додава дека во некои ситуации авионот сепак би морал да биде приземјен.

Според планот што го смислија во „Галагер“, експертите за безбедност и управување со ризик ќе проценат каде би можеле да летаат авионите во случај на нуклеарна детонација. Група од 15 членови ќе се состанува на секои четири часа и ќе прави процена, а потоа ќе испраќа известувања до авиокомпаниите низ светот. Исто така, трошоците за осигурување по патник би биле поевтини од шолја кафе и лесно може да се префрлат на цената на билетот. Минатата година авиокомпаниите потрошиле околу 1,3 милијарди долари за осигурување на повеќе од четири милијарди патнички летови, што е околу 33 центи (седум денари) по патник.

Досега од вкупно околу 500 авиокомпании, колку што постојат низ целата планета, за планот гласале околу 100, меѓу кои 60 од Европа, додека нискобуџетните компании сè уште се скептични. Меѓутоа, постои и таканаречена „Воена клаузула за пет моќи“, која автоматски го откажува осигурувањето доколку дојде до воен конфликт во кој е вклучена некоја од петте нуклеарни сили: Велика Британија, САД, Франција, Русија и Кина. Клаузулата би можела да се активира, на пример, доколку во Украина бидат нападнати британски или француски војници, пишува „Телеграф“.

ИЗДВОЕНИ