Сојузот на синдикатите на Македонија ја објави синдикалната кошница за август и како што може да се забележи, таа се зголемува од месец на месец. Пресметките на ССМ велат дека за овој месец, вредноста на синдикалната минимална кошница изнесува 65.507 денари и ако се спореди со јули, кога изнесуваше 65.328 денари, таа е поскапа за 179 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, изнесува 80.882 денари.
Синдикалната минимална кошница за оние 63 производи, храна и пијалаци, овој месец достигнува вредност од 24.064 денари. Споредено за минатиот месец, кога изнесуваше 23.682 денари, во август кошницата е зголемена за 382 денари. Што значи дека плаќаме повеќе за храна и за пијалаци.
Кај облеката и кај обувките, пак, минималната синдикална кошница бележи намалување за 114 денари, кај производите за лична хигиена има намалување од 74 денари, а кај транспортот е намалена за 16 денари.
– Според овие податоци, јасно се гледа дека, по завршувањето на владините мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 2.816 денари, односно за 4,49 %, додека кај храната и кај пијалаците има зголемување за 2.584 денари, односно за 12,09 % – потенцираат од ССМ.
Дека има континуитет во растот на цените, покажува и податокот за јуни, кога вредноста на синдикалната минимална кошница за храна и за пијалаци изнесуваше 23.167 денари и споредено со јули, растот е за 515 денари, што покажува дека за само два месеца има раст од околу 700 денари.
(С. Би.)