Филмот „Нема добри мажи“ на режисерката Шарбану Садат ја следи Нару, единствената жена снимател во „Кабул ТВ“, која е убедена дека нема добри мажи во Авганистан. Германскиот режисер Вим Вендерс, авторот на антологискиот „Небото над Берлин“, пак, е претседател на жирито за главната конкуренција на годинашниот Берлински филмски фестивал, кој ќе се одржи од 12 до 22 февруари. Тој и другите членови на жирито ќе решаваат за главната награда – „Златна мечка“, за која се натпреваруваат 22 филма. Македонскиот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ, во рамките на селекцијата „Перспективи“, ќе ја има својата светска премиера
Германско-авганистанската драма „Нема добри мажи“ (No Good Men) на режисерката Шарбану Садат на 12 февруари, во Берлинале паласт, ќе го отвори годинашниот 76. Берлински филмски фестивал, кој ќе се одржи до 22 февруари.
Филмот е базиран на вистински настан и содржи автобиографски елементи. Ја следи Нару (која ја игра самата режисерка Шарбану Садат), единствената жена снимател во „Кабул ТВ“, која е убедена дека нема добри мажи во Авганистан бидејќи нејзиниот сопруг постојано ја изневерува. Живее со својот тригодишен син во Кабул, но тој му припаѓа на таткото, според авганистанскиот закон. Кога го запознава таа 50-годишниот Кодрат, кој е оженет и благословен со четири деца, тие се вљубуваат. Дали Кодрат е само слика на нејзиниот поранешен сопруг или навистина има добар човек во Авганистан и дали ќе успее Нару да го задржи својот син?
– Растејќи во длабокото патријархалното општество на Авганистан, верував дека нема добри мажи, сè додека не открив дека постои друга реалност и се надевам дека овој филм им нуди надеж на младите жени, а пример на младите мажи – вели авганистанската режисерка Садат, родена во Иран, на која ова ѝ е трет долгометражен филм.

Германскиот режисер Вим Вендерс, авторот на антологискиот „Небото над Берлин“, е претседател на жирито за главната конкуренција на годинашното Берлинале. Тој и другите членови на жирито ќе решаваат за главната награда – „Златна мечка“, за која се натпреваруваат 22 филма.
Како што најавија организаторите на фестивалот, девет од филмовите во главната натпреварувачка конкуренција се режирани од жени. Меѓу нив се и француско-туниската режисерка Лејла Бузид со филмот „Со шепот“ (In a Whisper), Ангела Шанелек од Германија со „Мојата сопруга плаче“ (My Wife Cries), Женевјев Дулуд-де-Селес со „Нина Роза“ (Nina Roza) и Финката Хана Бергхолм – режисерка на „Дете на ноќта“ (Nightborn). Листата ја дополнуваат Германката Ева Тробиш со филмот „Домашни приказни“ (Home Stories), Американката Бет де Араухо со „Жозефин“ (Josephine) и Белгијката Анке Блонд со филмот „Прашина“ (Dust).
Според директорката на Берлиналето, Триша Татл, годинашната филмска програма е разновидна, со богат избор на филмови.
– Убедени сме во шармот на овие остварувања. Па може смело и да кажеме: „Ако тука не најдете ништо што Ви се допаѓа, тогаш не ви се допаѓа киното“ – изјави таа.

Во текот на церемонијата на отворање на фестивалот, на малезиската актерка Мишел Јео ќе ѝ биде доделена почесната „Златна мечка“. Во својата кариера што трае повеќе од четири децении, таа глумела во филмски и телевизиски продукции што опфаќаат широк спектар на жанрови и добила разни признанија, вклучувајќи „Оскар“ и „Златен глобус“, како и две номинации за Британските филмски награди. Меѓу другите, позната на нашата публика и по филмот на Анг Ли „Клекнат тигар, скриен змеј“ (Crouching Tiger, Hidden Dragon).
Најавено е на црвениот килим да се појават актерките Ејми Адамс која глуми во филмот „На море“ (At the Sea), Жулиет Бинош која ќе го претстави американскиот филм „Кралица на морето“ (Queen at Sea) и Сандра Хулер која глуми во филмот „Роуз“ (Rose).

Како што е познато, на годинашното Берлинале македонскиот игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ ќе ја има својата светска премиера во рамките на селекцијата „Перспективи“. Дебитантското долгометражно остварување на Митиќ, каде што таа го потпишува сценариото со хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, обработува тема посветена на младите кога се тие во своите критични тинејџерски години, кога се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината, но и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи. Филмот е инспириран од вистински настан, односно претставува екранизирање на една шокантна вест што има одекнато во нашите медиуми во 2016 година, кога студентка го фрлила своето бебе во канта и заминала на апсолвентска екскурзија во странство.
Селекцијата „Перспективи“ има натпреварувачки карактер и опфаќа филмски таленти од целиот свет што дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена и се одликуваат со храбар кинематографски израз. (Н.И.Т.)












