Интернетот и мобилните телефонски услуги се прекинати во Авганистан, објавија жителите и службите за следење во вторник, а администрацијата на Талибанците не понуди објаснување.
Талибанците претходно изразија загриженост во врска со онлајн порнографијата, а властите ги прекинаа оптичките врски со некои провинции во последните недели, наведувајќи „грижи за моралот“.
Овој потег предизвика страв и паника кај милиони Авганистанци и нивните семејства во странство, продлабочувајќи ја изолацијата на земјата под сè построгата талибанска власт, објави Си-ен-ен.
Авганистанците што живеат во странство изјавија дека не биле во можност да контактираат со своите семејства, а податоците за летовите покажаа дека неколку летови до Кабул биле откажани во вторник наутро.
NetBlocks, меѓународна организација која го следи пристапот до интернет, соопшти дека интернетот се исклучува во фази.
„Авганистан е во процес на целосно исклучување на интернетот, бидејќи талибанските власти преземаат мерки насочени кон зачувување на моралот“, соопшти NetBlocks на својата веб-страница.
Телевизијата Толо њуз, со седиште во Кабул, објави дека прекинот сериозно влијаел врз нивната работа, додека меѓународните новински агенции Асошиејтед прес и Франс прес соопштија дека не можеле да стигнат до своите канцеларии во главниот град.