Белгиската компанија „Авеста холдинг“ повторно ќе вложи во свој производствен капацитет во Македонија. Станува збор за нова инвестиција од 26 милиони евра, при што ќе се отворат до 150 нови, високоплатени работни места во ТИРЗ Штип.

Се планира изградбата на новиот производствен капацитет да започне на крајот од 2025 година. По тој повод, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, во Нинове, Белгија, се сретна со менаџментот на компанијата, при што се разговараше за понатамошните чекори за успешна реализација на инвестицискиот проект, а беше направена и обиколка на производствениот погон.

Димовски посочи дека ова е реален пример, доказ за активната работа и унапредениот пристап на новата Влада кога станува збор за создавањето висока додадена вредност. Тој истакна дека овој проект е од стратешко значење за целата национална економија, а особено за регионот на Штип.

Ношин Омар, сопственик и претседател на „Авеста холдинг“, изрази особена благодарност за поддршката на целата Влада, нагласувајќи дека токму транспарентноста, отвореноста и професионалноста на ТИРЗ биле клучни фактори за одлуката да ја реализираат оваа инвестиција токму во Македонија. Од негова страна беше појаснето дека во новата фабрика во ТИРЗ Штип ќе се произведуваат напредни батериски системи од најновата генерација за електрична мобилност и стационарни апликации.

Ова претставува втора инвестиција по ред на белгиската компанија во земјава, што е директен резултат на стабилната бизнис-клима, проактивниот пристап на институциите и на новите владини политики насочени кон поддршка на инвеститорите.

ИЗДВОЕНИ