„Атомиумот“, споменик од не’рѓосувачки челик во Брисел во облик на џиновска кристална молекула од железо во која може да се влезе, денес беше затворен поради екстремна топлина, објави администрацијата, пренесува „Бета“.
Додека метеоролозите предвидуваат температури до 38 степени Целзиусови во Белгија, администрацијата вели дека температурата во споменикот ќе биде многу повисока, а во врска со топлината, споменува и „ограничувања поврзани со структурата“ на зградата.
„Атомиумот“ висок 102 метри со дијаметар од 18 метри е изграден за Светската изложба во Брисел во 1958 година, како почит кон напредокот на науката и вештината на белгиските инженери. Прераснал во музеј и културен центар, а на врвот има и ресторан.
Досега, само еднаш беше затворен за посетители поради топлината, во 2019 година. Белгија забележа рекордна температура од 41,8 степени на 25 јули 2019 година.
Жештината сега се прошири низ речиси цела Европа: од Холандија до Португалија, преку Германија, Франција и Шпанија. Од четврток ќе биде помалку жешко во Белгија и Франција.