Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) вчера пред Министерството за култура објави дека се усвојува првата тужба од серијата од 800 судски постапки за заштита на правата на вработените во културата!

„Се потврдува дека културните работници се жртви на незаконити решенија и неправедна пресметка на платите! Се налага институциите конечно да ги почитуваат законот и достоинството на културните работници. Со оваа пресуда, Судот потврди дека правата на културните работници биле повредени со незаконски донесени решенија за плати, и дека законитата основа мора да се почитува. Оваа прва победа е јасен доказ дека борбата за достоинството во културниот сектор е правно издржана, оправдана и заслужена“, изјави на вчерашната прес-конференција Вера Атанасовска, претседател на СКРМ.

Пред точно седум месеци, членовите на Синдикатот стоеја на истото место и протестираа против доцнењето на платата, која требаше да биде исплатена согласно со Закон и Колективните договори.

– Во своите очајни калкулации како да не ги испочитува правата на вработените во културата, Министерството за култура остави 3.000 луѓе без плата токму на најголемиот христијански празник – Велигден. Од „лабораторијата“ во Министерството, „договорија формула“ – како да се изготват решенија со кои се крати од платите на вработените, покрај Колективните договори и синдикатите.

Истиот тој неуспешен експеримент денес е на добар пат да доживее дебакл.

Уморни од долгогодишниот неправеден однос и третманот што го добиваа со секое усогласување со минималната плата и со примената на ОКД, вработените во културата, под заштита на СКРМ, решија да поведат судски спор.

На повеќето не им беше важен само скратениот дел од платата, туку и принципот на постапување на ресорното министерство и газењето на достоинството, додаде вчера Атанасовска.

Од синдикат со преку 1.500 членови, беа поднесени повеќе од 1.000 приговори.

Од нив, повеќе од 200 приговори беа усвоени од Управните одбори на институциите, додека за 800 приговори што не беа усвоени, СКРМ поведе судски постапки.

Според Атанасовска, и покрај навремените предупредувања на СКРМ дека решенијата се неправно изготвени, Министерството останало глуво, а резултатот го кажал судот.

„Со оваа пресуда се поставува темелот за сите останати 799 постапки кои следуваат“, посочува претседателката на СКРМ.

Од Министерството за култура и туризам, пак, вчера исто така се огласија по повод прес-конференцијата организирана од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ).

„Ја информираме јавноста дека до овој момент до институцијата не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените наводи. Министерството нема никакви конкретни сознанија ниту за тоа за која институција се однесуваат истите. Воедно, информираме дека Министерството за култура и туризам внимателно го следи целиот процес и веднаш штом ќе располагаме со проверени и релевантни информации, навремено ќе ја информираме јавноста“, велат од Министерството.

 

ИЗДВОЕНИ