Астероид со големина на мостот „Голден Гејт“во Сан Франциско се приближува кон Земјата, но безбедно ќе помине покрај неа на 5 јуни оваа година, објавија денес американските медиуми.
Овој астероид е поголем од 97 проценти од ваквите небесни тела, а неговото приближување кон Земјата е ретка појава, објави списанието Форбс.
Без оглед на неговата големина, астероидот наречен 2008 DG5 нема да претставува никаква закана за Земјата.
Ова тело има димензии од 310 на 690 метри, што го прави меѓу трите проценти од најголемите астероиди, според веб-страницата SpaceReference.org.
Ќе се приближи кон Земјата на 3,49 милиони километри, што е растојание девет пати поголемо од растојанието помеѓу Месечината и Земјата.
Иако тоа не звучи многу, Европската вселенска агенција изјави дека секое приближување на толку голем астероид кон Земјата е редок феномен.
Доколку толку голем објект ја погоди Земјата, тоа би предизвикало голема штета и веројатно цунами и големи бранови, поради што НАСА го третира 2008 DG5 како „потенцијално опасно небесно тело“.
Овој астероид е откриен од телескопот Catalina Sky Survey во близина на Тусон, Аризона, во 2008 година, објавува „Танјуг“.
Следниот пат кога овој астероид ќе се приближи до Земјата е во 2032 година.
Астероид со дијаметар од само 40 метри предизвика огромна експлозија над Сибир во 1908 година, чија сила собори 80 милиони дрвја.
Потоа следеше огромен шумски пожар во областа Тунгуска, според податоците на НАСА.