Веќе со денови, Том Аспинал трпи остри критики за прекинатата борба поради повреда на УФЦ-настанот 321. Имено, борбата за титула во тешка категорија, заврши уште во првата рунда откако Аспинал доби удар во окото од Сирил Гејн поради што дојде до прекин. Поради сето тоа дојде до негодување во публиката во „Етихад“ арената, а подоцна и кај бројни љубители на УФЦ.

Но, деновите по борбата донесоа загрижувачки вести за здравјето на британскиот борец, пишува „Блади елбоу“.

Иако дебатата за крајот што никој не го посакуваше не стивнува, главната загриженост за тимот на Аспинал останува неговото здравје. Најновите информации за состојбата на шампионот ги сподели неговиот татко и тренер, Енди Аспинал, во видео објавено на „Јутјуб“-каналот на Аспинал.

Енди Аспинал, исто така, им се обрати на критичарите кои ја доведоа во прашање сериозноста на повредата, сугерирајќи дека британскиот борец барал излез од борбата. Тој силно ги отфрли ваквите обвинувања, истакнувајќи ги сериозните последици со кои се соочува неговиот син. По враќањето во Велика Британија, Том имаше уште еден медицински преглед, а вестите не се добри. Иако не изгледа дека има трајно оштетување, неговата состојба се влошила од саботата.

  • Лошо е. Не е добро. Неговото око е малку позатворено отколку што беше. Сè уште не може да гледа ништо со десното око, вели дека сè уште му е само сиво. Го тестираа и не можеше ништо да види. На левото око, за околу 50%, не можеше да ги види буквите во тестот. Значи, едното е навистина, навистина матно, а другото сè уште не му работи, порача таткото на Аспинал.

Енди Аспинал додаде дека треба да направат повеќе тестови оваа недела, вклучително и компјутерска томографија, за да проверат дали има оштетување на коските.

 

ИЗДВОЕНИ