Асмир Јахоски со времена патна исправа прошета до Босфор и се врати во Скопје

3015
Foto: Facebook/Ismail Jahoski

Сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, осомничен за злоупотребите со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, излегол и повторно влегол во Македонија со времен пасош со рок на важност од шест месеци издаден од МВР со решение од Апелацискиот суд донесено еден ден пред тој да замине за Истамбул на семејна прослава. Дека осомничениот се наоѓа на Босфор се дозна откако неговиот татко, пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, објави фотографија на својот Фејсбук профил на која двајцата се заедно со уште еден член од семејството и според описот за поводот на прославата, најверојатно станува збор за дипломирање. Долго им требаше на надлежните инстиутции да објаснат како Јахоски кој неодамна беше пуштен од притвор со гаранција од над два милиона евра и му беше одземен пасошот, со наредба еднаш во месецот да се јавува во Судот, заминал за Турција за приватни работи. Јавноста бурно реагираше за неговото излегување, во коментарите на социјалните мрежи прашуваа: Како може осомничениот на кому му е одземен пасошот да замине во друга земја?

Сублимирано од  одговорите на двата суда, Кривичниот и Апелацискиот, и од МВР, осомничениот барал да му се издаде пасош со ограничен рок на 12.05.2025 година, а во барањето до Основниот кривичен суд дал и  докази поради кои причини бара времена патна исправа. Но, од Кривичниот суд му го одбиле барањето.

„Во текот на мај, од одбраната на осомничениот беше доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, барањето беше одбиено од Кривичниот суд, по што, по добиената жалба, предметот беше доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд“ објаснија од Основниот суд за медиумите.

Потоа Јахоски одбиеното барање го обжалил пред скопска апелација од каде пак му дале „амин“ да замине на патувањето, односно му дозволиле да извади пасош со рок од 6 месеци.

„При одлучувањето земен е предвид предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се дозволи издавање на времена патна исправа, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство да се уважи жалбата на осомничениот и издаде времена патна исправа. Мерките на претпазливост претходно определени спрема осомничениот остануваат во сила, односно мерката Привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, односно забрана за нејзино издавање не е укината и опстојува и понатаму, како и мерката Обврска на осомничениот да се јавува секој прв работен понеделник во месецот во 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје, објаснуваат од скопска апелација за медиумите.

И така, според МВР, од каде на осомничениот му го издале пасошот за еден ден, Јахоски помладиот излегол од Македонија на 30-05-2025 преку граничниот премин „Богородица“ и се вратил денеска преку истиот премин. Од граница, тој во 10 часот утринава стигнал да се пријави на судската полиција во Кривичниот суд дека е тука, во државата.

За патувањето на осомничениот Јахоски на кому судот му го одзема пасошот, но му даде времен да оди на прослава во Турција реагираа од ВМРО ДПМНЕ.

„Од информации во јавноста, дознаваме дека судиите му одобриле на Јахоски и му го вратиле времено пасошот за тој да може да шета и ужива по Босфор со нашите пари кои тој и неговите блиски ги украдоа од Буџетот на државата! Правдата изгледа ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор. Затоа судиите мора да одговараат. Реформи во судството мора да има, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Јахоски беше пуштен од затворот „Шутка“ со одлука на Апелациониот суд во Скопје. Претходно, во Основниот суд го одбија предлогот за прифаќање на гаранцијата, па одбраната поднесе жалба до скопска Апелација. Јахоски помладиот е осомничен заедно со сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и со поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и се бара преку Интерпол. Истрагата е поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, вредни над 160 милиони евра, во време на енергетската криза, кој бил со лош квалитет за здравјето на луѓето.

Ова не е прв случај осомничен во кривична постапка да добие времен пасош. На Орце Камчев кој беше осомничен во случајот „Империја“ му беше издаден ист таков со рок од шест месеци заради службени патувања.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ