понеделник, февруари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Артан Груби се врати – црниот шал ги покри лисиците, но не...

Артан Груби се врати – црниот шал ги покри лисиците, но не и злоупотребите

Почеток на расплет или нов политички договор?

932

 

Пандорче АНТЕСКА

Што се крие зад предавањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби, е прашање кое можеби тежи онолку колку што е проценета штетата за која е осомничен за злоупотребите во државната лотарија, над 8 милиони евра!? Политичките партии од двата блока утрово, веднаш по информацијата која падна како гром од ведро небо се тркаа кој побрзо да ја пласира својата теорија за предавањето на Груби.

А тој ако пред година и два месеца замина во луксузен мерцедес, сега, од полициското видео,го видовме пеш, нешто после шест часот изутрината на граничниот премин Блаце. Со блага насмевка на лицето додека полицајците во цивил му ги ставаа лисиците, осомничениот си ги покри рацете со црниот шал, истиот оној моден додаток кој го носеше и на денот кога беше главен организатор на нередите на скопското Кале, тогаш од позиција на граѓански активист кој експресно потоа стана главна партиска фигура во ДУИ. Полицијата која за Груби распиша меѓинародна потерница, но кој никогаш официјално не беше лоциран каде е, објави кусо соопштение дека „од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, објави МВР до сликата на довчерашниот бегалец. Потоа во 9.20 часот осомничениот беше спроведен во истражниот затвор во Шутка бидејќи во отсуство, судот му одреди мерка притвор.

Груби во затворот не е сам во ќелијата, туку ја дели со друг притвореник-Македонец, ова го одлучивме заедно поради безбедносни причини, изјави за весникот ВЕЧЕР директорот на затворот Скопје, Бобан Утковски.

„ Сместен е во ќелија заедно со уште едно лице и веднаш беше направен разговор со мене. Кажа дека е во пост и оти треба да биде под посебен режим на исхрана, направен му е лекарски преглед и беше  прашан дали прима лекарска терапија, како што налага протоколот, објаснува Утковски. Притворениот бил кооперативен, сместен во безбедна ќелија која според местоположбата овозможува будност и фокус кон осомничениот од затворските власти, опишува директорот за ВЕЧЕР.

Против Артан Груби се води истрага од страна на скопското обвинителство, заедно со поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, кривично се гонат за проневера во службата по член 354 дело за кое му се заканува висока затворска казна до 20 години, и дело кое не застаре со измените на Кривичниот закон, сламка за која останатите огрешени функционери можеа да се фатат. Ако се соберат сите ставови по кои е осомничен тогаш казната која му се запретува е голема, па калкулацијата на осомничениот да се предаде донекаде е сфатлива, уште повеќе што Груби е семеен човек, а веднаш по бегството ангажираше и адвокат.

Рускоска за ВЕЧЕР: Тој кога избега направи грешка

Поранешната шефица на обвинителствто за организиран криминал и корупција Вилма Русковска за весникот ВЕЧЕР вели дека и натаму смета оти тој кога избега направи грешка. „Случајот е во фаза на истрага, тоа значи дека тој оди на распит во јавното обвинителство кое во зависност од доказите треба да одлучи дали ќе има обвинителен акт или постапката ќе биде запрена. Обвинителот пред да почне со распит му ги набројува неговите права, а меѓу нив е и правото на признание што би значело и можност да се спогоди со обвинителството, но може и да молчи, вели Русковска која не верува дека во оваа фаза од настаните, пред одбраната да направи увид во доказите, би прифатила спогодување. Понатаму она што следи е произнесување на осомничениот и неговиот адокат за мерката притвор која му беше изречена откако тој избега од земјава и за него беше распишана меѓународна потерница. Во игра се и поблаги мерки на претпазливост, ако се има предвид дека тој доброволно се предаде на органите на прогон, вели поранешната обвинителка.

 Партиски теории за појавувањето на Груби, матичната ДУИ бара фер судење

Партиските портпароли денеска побрзаа кој прв да застане на пртиската говорница и да ја пласира својата теорија за појавувањето на Артан Груби. Неговата матична партија, ДУИ, каде своевремено беше прв човек на лидерот Али Ахмети, ја поздравија неговата одлука да се врати во земјава и побараа правична постапка.

„Очекуваме процесот да се одвива во согласност со највисоките стандарди на владеење на правото – со високо ниво на транспарентност во интерес на јавноста, но пред сè со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи. ДУИ останува непоколеблива во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија, велат од партијата и најавија дека внимателно ќе го следат процесот во сите негови фази.

„Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа, Мала Речица се тресе од страв затоа што не знаат што сè е подготвен да прозбори. Кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, велат од коалицијата ВРЕДИ. Оттаму велат дека откако ДУИ катастрофално изгуби на локалните избори минатата година и паднаа во вода сите лажни ветувањата на нејзиниот лидер Али Ахмети за предвремени избори и наводен влез во владата, на Груби не му останува ништо друго освен да се соочи со соочи со сопствените гревови, велат од владејачката коалиција.

Македонската опозиција обвинува за договор, се прави политички дефокус од скандалите што ја тресат власта, велат на прес конференција од СДСМ. „ „ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. На овој начин ВМРО со поддршка на ДУИ сака да го покрие најголемиот наркоскандал со пет тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но, и бројните скандали со криминални тендери на кои повеќе од 80 дена нема никакви одговори“, рече Богданка Кузеска.

„Во СДСМ се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружено работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче“ возвратија од владејачката ВМРО ДПМНЕ. Пратеникот Бране Петрушевски од партиската говорница ги повтори криминалите за кои Груби е осомничен. „Криминалот на Груби достигна вредност од над 8 милиони евра, а има индиции дека оваа сума може да надмине десетици милиони евра – пари украдени од граѓаните. Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на ‘Државната лотарија’ освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници. За целиот овој криминал на Груби знаеше и СДСМ, но само за да не му пропадне коалицијата и да му потрае власта, молчеше и го одобруваше, со што стана соучесник“, изјави Петрушевски.

 „Таргет“ го таргетираше на црната листа на САД

Кривичните постапки против Артан Груби следеа по впишување на неговото име на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Сомнежите за кои поранешната амбасадорка во земјава Анџела Агелер, рече дека биле поткрепени со цврсти докази се однесуваа за негова вмешаност во предметите на Сашо Мијалков. Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа посочени дека намерно го чувале во фиока случајот „Таргет“ на поранешниот директор на УБК, а митото  се фати да го истражува обвинителството.

Неговата слика во текот на денoв не беше тргната од интернет страницата на МВР во делот на потраги, лево од него е поранешниот директор на електрани, Васко Ковачевски, а лево Бајрами кој избега денови пред Груби да ја напушти земјава. За време на бегството,  во два наврати се „појави“ на социјалните мрежи. Првиот пат напиша статус во кој кажа дека не е во бегство, туку во приватна посета на Косово. Ден по објавата, полицијата вршеше претрес на две негови адреси, но не го пронајде дома. Властите го објаснуваа лесното бегство со протекување на информации од акцијата во тек, а МВР веднаш распиша меѓународна потерница. Во јавноста се шпекулираше дека е во Албанија, па беше наводно забележан во Косово, но никогаш официјално не се дозна каде се криеше тој.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ