Бројни делегации и граѓани денеска оддадоа почит за жртвите од катастрофалниот земјотрес кој пред 62 години го погоди Скопје. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска беше придружувана од советничката Ирена Витина и нејзините соработнички додека градоначалниците од редовите на ВМРО ДПМНЕ заедно положија свежо цвеќе на пред Споменикот на загинатите од земјотресот на Градските гробишта Бутел.

„Скопје се сеќава на 26 јули 1963 година, ден кој засекогаш го промени ликот на градот, трагедија која одзеде над илјада животи. Никогаш да не се повтори! Овој ден е симбол на тага, но и одраз на човечноста и хуманоста во најтешките моменти“, пишува во објавата на Фејсбук профилот на Арсовска.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, еден од најавените претенденти за нејзината фотеља на престојните локални избори Скопје, објавувајќи ги фотографиите од оддавањето почит, на социјалните мрежи потсетува дека „по катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние како општество, покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност“, нагласувајќи дека „Скопје ќе биде повторно горд град“.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче истакна дека со сеќавањето на жртвите од земјотресот, потребно е да се потсети и на храброста на сите оние кои помогнала од хаосот и руините да се роди едно ново урбано и модерно Скопје.

„Дваесет и шести јули засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Скопје – како потсетник дека имаме обврска, и ние и идните генерациите, да ја негуваме љубовта кон градот, никогаш да не ги заборавиме жртвите од земјотресот. Да продолжиме да го градиме Скопје и нашето општество врз вредностите што не обединија тогаш и кои треба да не обединуваат и во иднина – солидарноста, човечноста и заедништвото“, пишува Флипче во објавата на Фејсбук.

ИЗДВОЕНИ