Денеска во Основниот кривичен суд Скопје почна судскиот процес против Сулејман Јамалари, обвинет за физички напад и закани кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. На рочиштето сведочеше самата Арсовска, која одговараше на на вкрстени прашања од јавниот обвинител, својата адвокатка и одбраната на Јамалари.
Арсовска првично изјави дека инцидентот се случил на 18 јули додека стоела под чадор кога обвинетиот кој пристигнал со електричен тротинет, ѝ се доближил со зборовите: „Што бараш ти тука“ и ја удрил два пати во лицето.
Таа истакна дека рефлексно возвратила со нога на нападот. Иако интервенирала полицијата, Арсовска рече дека Јамалари 40 минути продолжил со навреди и закани, не само кон неа, туку и кон присутните градски службеници. Арсовска сведочеше дека Јамалари побарал да зборува со „шефот“, по што неколку пати му било дозволено телефонски да контактира со трети лица. На крај, морала да биде повикана и Интервентната полиција за да ги извлече од локацијата.
Арсовска рече дека полицајците се обиделе да ѝ наметнат туѓи зборови кога се јавила во полициската станица и затоа одбила да ја потпише изјавата. Градоначалничката побара и обештетување од обвинетиот, а се согласи против него да се води кривична постапка.
Јамалари пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен за делото „Насилство“, за кое го товари обвинителството. Судскиот процес ќе продолжи.