Додека делови од Скопје се без вода или со низок притисок, од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат скопската градоначалничка, Данела Арсовска, за состојбата, порачувајќи ѝ да не води политика, тука да им обезбеди вода на скопјани. Таа, пак, им возврати дека во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 кубни метри вода дневно и во просек со 30, фатени и спречени, нови диви приклучоци секој ден, некој сè уште глуми политички загриженост

 

Без вода или со намален притисок деновиве функционираат жителите во повеќе населби во Скопје (Автокоманда, Железара, Маџари, Ченто и Хиподром). Тие се незадоволни од третманот од градското водоводно претпријатие кон нив, затоа што велат дека во други делови на градот редовно има вода, па се принудени да одат кај свои роднини и пријатели да се избањаат.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека состојбата е таква поради тоа што продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем. Исто така, во последниов период има и зголемен број прекини на вода поради санирање на дефектите во мрежата, а граѓаните ги повикуваат што поскоро да ги санираат и да ги намалат загубите, кои достигнуваат и до 70 проценти. Велат дека поради ненавремено санирање на дефектите, тече чиста вода за пиење по улиците, тротоарите, парковите.

–  Градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на водата во делови од градот. Се очекува стабилизирање на водоснабдителниот систем во периодот по 23:00 часот – известуваат од скопски „Водовод“ и апелираат за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и за избегнување на непотребното трошење на водата за наводнување на зеленилото, бавчите, нивите, за миење на автомобилите, за полнење на базените и слично.

Од „Водовод“ упатија апел до органите на локалната самоуправа, согласно со надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територијата на општините, да се ангажираат во подигање на свеста на жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.

– Ние, граѓаните, апелираме до вас да ги намалите 70 % загубите на вода, што од крадење, што од течење, кои ви се пријавуваат, а не реагирате и ќе има вода! Проблемот е решен! – коментира скопјанец.

За ваквата состојба со водоснабдувањето во градот, од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија скопската градоначалничка, Данела Арсовска.

– Додека Данела Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и им слугува на ДУИ и на СДС, половина Скопје нема вода. Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и на СДС, ЈП „Водовод“ праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода затоа што е лето и, најверојатно, сите пијат повеќе – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение тие посочуваат дека доколку Арсовска, во четирите години мандат, се занимавала со водоводната мрежа и со нејзиното обновување, не само што ќе немало проблем со притисокот туку и немало да ги има големите загуби што ги има сега.

Арсовска експресно им одговори.

– ВМРО-ДПМНЕ, кога обвинува за недостиг на вода во Град Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП „Водовод и канализација“ во Шуто Оризари и дека МВР, по службена должност, нема поднесено кривична пријава за кражба против нив. Исто така, и на дивоградбата каде што беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, беше утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски дозволува да се продолжи со градба таму и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари – вели Арсовска.

Таа посочува дека во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 кубни метри вода дневно и во просек со 30, фатени и спречени, нови диви приклучоци секој ден, некој сè уште глуми политички загриженост.

– Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните што чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот. Одговорноста е јасна. Проблемот не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат – вели Арсовска.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, вчера најави дека на барање од Општина Бутел, Владата обезбедила над 110 милиони денари за реализирање на еден од најголемите капитални проекти, а тоа е водоснабдување на селата Љубанци и Љуботен со чиста вода за пиење од градскиот водовод.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ