Издавачката куќа „Арс Ламина“ доби седум признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) на традиционалното доделување награди во рамките на Саемот на книгата.
„Арс Ламина“ ја доби првата и втората награда во категоријата за најкреативно издание. Првото место го освои за книгата „Се викам Храброст“, а второ место за „Девојчето и куклата што патува“ од Александар Русјаков, со илустрации на Јордан Гавриловски. Второ место освои и во категориите: оригинален дизајн на корица: „Книга за Петре“ (приредена од Оливера Ќорвезироска, со портрети од Сергеј Андреевски), за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни: „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски, како и во категоријата за поттикнување општествена одговорност: за донацијата на библиотеката „Соба од бајките“ во Детската клиника во Скопје. Меѓу наградите се и две трети места за: Оригинален дизајн на корица за романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, со детaљ од слика на Славко Јаневски и доработка од Марко Трпески, и за Најдобра книга за деца за „Нови бајки од Македонија“ од група автори со илустрации од Орце Нинески.
„Се викам Храброст“ е книга посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа.
„Девојчето и куклата што патува“ е креативно издание по повеќе параметри: како надоврзување на трендот за авторство врз база на анегдотата за средбата на Кафка со едно девојче во паркот, како и вклучување на Македонија во светското одбележување на 100-годишнината од смртта на Кафка. Креативноста на „Книга за Петре (сите лица на расказот)“ – несекојдневна чествувачка антологија во чест на 90-годишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, се состои во напорот да се создадат и објават 19 нови раскази од исто толку современи македонски раскажувачи, во чест на Петре М. Андреевски.
Книгата „Околу три по полноќ“ е печатена со две корици: празничен и делничен примерок. На неа е употребена сличната постапка како на корицата на „Три Марии“ – со тоа што е искористена слика од Димитрие Дурацовски и на неа е интервенирано со фотографија на Дурацовски.
Корицата на романот „Три Марии“од Оливера Ќорвезироска е несекојдневен спој на ликовна предлошка од еден автор/дело/слика (детаљ од сликата „Бош“ на Славко Јаневски) и постмодернистичка доработка од дизајнер (Марко Трпески). Употребата на лакот на корицата е во функција и на дистинкција на авторството: тоа што е од Славко Јаневски е со лак, другото е на Марко Трпески.
„Нови бајки од Македонија“, која е во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“, е збирка од 24 современи, авторски бајки, кои го збогатуваат омилениот жанр на децата.
Со цел да им го олеснат периодот на лекување на најмладите во Детската клиника – Скопје и да им влеат надеж и радост, издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов Ѕоф ù донираа библиотека. Ова книжевно катче наречено „Соба на бајките“ е сместено на вториот кат на Детската клиника. Библиотеката е направена и опремена со средства од продажбата на хит-книгата на Ѕоф – „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“, која беше објавена претходната година.