Четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на Армијата собираше податоци за воздухот во Визбегово, Општина Шуто Оризари поради запалениот отпад кој предизвика густ чад и сериозно загадување. Покрај пожарот кај Визбегово, денеска беа регистрирани уште пет активни пожари во Скопската Котлина: во Чучер-Сандево кај црквата „Свети Никита“, кај Стенковец, во Волково во Општина Ѓорче Петров, кај Катланово и кај Смилковско Езеро.

Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, годинава пожарите почнаа порано. Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека се подметнати.  Пред три дена најдоа пелети премачкани со бензин, вчера најдоа гуми рече Ангелов и ги повика граѓаните, особено оние што живеат близу шуми, да си ги исчистат дворовите.

 

Хеликоптери што летаат и исфрлаат вода врз огнената стихија, мештани со лопати и трактори во прва борбена линија со пожарите, исплашени лица на жители поради пламените јазици кои се приближуваат до нивните домови, чад на небото како да се води војна… е грозната и страшна слика која деновиве ја гледаме насекаде низ Македонија.

И да, војна се води, ама со пламените јазици. Критично беше во Скопје, кај Визбегово, но и во околината на Скопје, на Скопска Црна Гора, каде повеќе денови има активен пожар кај неколку населени места во Чучер Сандево – на едно место ќе се изгаси, на друго се разгорува, најмногу кај селата Чучер, Бањани и Бразда. Градоначалникот Сашко Комненовиќ вели пожарот се става под контрола и дека сè уште има непристапни места каде се гледа бел чад, но сега-засега нема закана за куќите. Тој вели дека штетата е огромна бидејќи изгореа седум викенд-куќи, магацински простор, фарми, голема површина поле, жито и шума.

Сомнителни активности да се пријават на 112

Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), упати апел до граѓаните ако забележат лица како носат штици, пелети, шишиња и садови погодни за носење бензин, веднаш да пријават на 112 или во која било полициска станица. Ангелов рече дека вчера изгаснале 66 пожари.

– Годинава пожарите почнаа порано. Имаме сериозни индиции и основано сомнение дека се подметнати.  Пред три дена најдоа пелети премачкани со бензин, вчера најдоа гуми – рече Ангелов и ги повика граѓаните особено оние што живеат близу шуми да си ги исчистат дворовите.

Тој кажа дека полицајци и лица во цивилка патролираат секаде каде има опасност од пожари.

– Униформирани полицајци и лица во цивилка патролираат на местата кај што може да има пожари. Превентивната акција на шумската полиција и сите вработени во државната администрација со движење во шума се известени да бидат внимателни и да го пријавуваат секое сомнително поведение – изјави Ангелов.

Телефонската линија на Центарот за управување со кризи е цело време вжештена и само завчера системот за итни повици Е-112 забележал 4.199 повици, што е најголем број евидентиран досега за еден ден. И тоа, 711 биле испратени повици за услуга (овие се повици биле за активирани институции за интервенција), кон полиција биле 286 повици, кон Итна мединицска помош 72 повици, повици кон пожарна биле 297, кон ЦУК – 54 повици, и кон АМСМ само 2 повика.

Директорот на Центарот за управување со крици (ЦУК), Мухамед Али, ја информираше јавноста за актуелната состојба со пожарите кои се регистрирани од јуни годинава заклучно со денес. Директорот соопшти дека овој месец, заклучно со вчера, се регистрирани вкупно 288 пожари, од кои 26 се шумски пожари, а 262 пожари се на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста и деградирана шума, како и на депонии (ѓубришта). Додека, пак, во јуни се регистрирани вкупно 329 пожари, од кои 12 се шумски пожари, а 317 пожари се на висока сува трева, стрништа, нискостеблеста и деградирана шума, како и на депонии. Тој ги повика граѓаните на зголемена претпазливост и одговорно однесување, особено во услови на високи температури и суво време, со цел спречување на понатамошни пожари и заштита на животната средина.

Армијата проверува колку отрови вдишија скопјани

Четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана на Армијата собираше податоци за воздухот во Визбегово, Општина Шуто Оризари, поради запалениот отпад кој предизвика густ чад и сериозно загадување. Ангажманот е дел од пошироката акција на Армијата во согласност со одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за учество на воени сили во справување со пожарите и прогласената кризна состојба од Владата.

Во моментов, преку 150 припадници на Армијата се распоредени на три критични локации: во Општина Ѓорче Петров се ангажирани повеќе од 60 лица, во Крива Паланка околу 30 лица, и преку 50 лица во село Николиќ, Општина Дојран.

Армијата, заедно со другите институции, останува активна на теренот во поддршка на гаснењето, логистичка поддршка и проценка на ризици по здравјето на населението. Во моментов, во земјава има 63 пожари од кои активни се девет. Под контрола се четири, еден е локализиран и 49 се изгаснати.

Покрај пожарот кај Визбегово, денеска беа регистрирани уште пет активни пожари во Скопската Котлина: во Чучер-Сандево кај црквата „Свети Никита“, кај Стенковец, во Волково во Општина Ѓорче Петров, кај Катланово и кај Смилковско Езеро.

Пожарите што го сардисаа Скопје предизвикаа воздухот во котлината да мириса на чад, а мерните станици во градот да покажуваат енормно високи концентрации на загадувачки честички. Состојбата беше влошена од ветерот кој дополнително ги ширеше прашината и ѓубрето, па оттука и препораките да не се престојува на отворен простор.

Во ситуација кога скопјани се борат со загаден воздух, Европскиот парламент во најновиот извештај за напредокот на земјава кон ЕУ, усвоен завчера, нотира дека квалитетот на воздухот останува сериозен проблем и потсетува дека македонската мертропола е еден од најзагадените градови во Европа.

– Квалитетот на воздухот и водата и управувањето со отпадните води остануваат особено предизвикувачки прашања за земјата – се вели во Извештајот и ги повикуваат централната власт и локалните самоуправи да ги засилат напорите за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на, како што се посочува  „потенцијално смртоносното загадување“. Притоа нагласуваат дека ситуацијата е особено алармантна во Скопје, кој постојано е еден од најзагадените градови во Европа.

Во извештајот се нагласува и „итната потреба да се даде приоритет на заштитата на животната средина“. Европските парламентарци ги повикуваат македонските власти да ја усвојат потребната легислатива и да ги засилат мерките за биодиверзитет, вода, воздух и климатски активности, како и регионално управување со отпад.

Лани изгореа преку 61 илјади хектари шума

Во ланските 250 пожари изгоре површина од 61.061 хектари во шумски пожари, при што е причинета штета од преку 82 милиони евра.

Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра.

За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари. Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.

Објавен е повикот за пожарникари

Објавен повикот за нови пожарникари преку општините, објави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Според него, платата предвидена за овие лица е 24.000 денари, и со овој план треба да се вработат 400 привремни пожарникари кои ќе бидат распоредени во Противпожарните бригади на општините и ќе бидат ангажирани на полесните места на пожари.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ